1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлускони „се шегува“ на сметка на Обама

Штефан Трендле7 ноември 2008

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони си дозволи уште еден вербален испад: на адреса на ново-избраниот американски претседател Берлускони упати неумесен коментар за бојата на неговата кожа.

https://p.dw.com/p/FpK8
Берлускони и Медведев во жива дискусија за време на средбата во МоскваФотографија: AP

Најновиот испад на италијанскиот премиер Силвио Берлускони би можел да донесе крупни пореметувања во американско - италијанските односи. При посетата на Москва, Берлускони се пошегува на сметка на бојата на кожата на Барак Обама. На прес-конференција со Медведев Берлускони беше прашан како ги гледа односите на САД и Русија во иднина. Тој одговори дека соработката веројатно ќе биде поедноставна, бидејќи и Медведев и Обама се млади политичари. А потоа Берлускони дословно рече: „Му објаснив на претесдателот дека Обама има се’ што е потребно за да се постигне спогодба со него: тој е млад, добро изгледа и е дури добро исончан.“

„Несолена шега“

Тоа требаше да биде шега, но во италијанската јавност предизвика бурни реакции. Така комунистичкиот весник „Манифесто“ објави карикатура на Берлускони со долга црна сенка и со коментар под карикатурата: „ла фачета нера“. Тоа во превод значи „црно лице“, но во играта на зборови значи и „фашистички“.

USA Präsidentschaftswahlen Barack Obama als Präsident gewählt Rede in Chicago
Се чувствува ли како „добро поцрнет“? Првиот афро-американец на функцијата претседател на САД, Барак ОбамаФотографија: AP

Може да се претпостави дека и во САД, кои инсистираат на политичка коректност, наводната шега на Берлускони нема да биде примена како добронамерна. Италијанските медиуми во оваа прилика се потсетија и на претходните гафови на актуелниот премиер. На пример кога во една дебата во Европскиот парламент Берлускони му препорача на германскиот евро-пратеник Мартин Шулц да игра надзорник на концентрационен логор во некој филм.

Опозицијата го смета Берлускони за непресметлив

Дарио Франческини, заменик секретар на Демократската партија на Италија, оцени дека Берлускони нема повеќе контрола над сопствените изјави. „Некој да каже дека новиот претседател на САД е добро исончан, тоа не е една од вообичаените невкусни шеги на Берлускони, туку апсолутно некоректна изјава што во ушите на светот звучи како опасно двосмислена навреда.“

Martin Schulz Europaparlament SPD
И тој го почувствува остриот јазик на Берлускони: германскиот европратеник Мартин ШулцФотографија: AP

Тој и повеќемина други италијански политичари побараа Берлускони барем да се извини за изјавата, но премиерот воопшто ни не помислува на такво нешто. Напротив, во ново телевизиско интервју тој посочи дека се подготвува да му дава совети на Обама - како постар и поискусен политичар. Ако новиот американски претседател одреагира барем одблиску како италијанскиот печат, тогаш на американско италијанските односи им се заканува ледено доба.