1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесплатна струја за намалување на загадувањето

БГ/афп23 декември 2013

Грчките власти ја активираа мерката за бесплатно снабдување со струја за социјално загрозените семејства, откако поради греењето на дрва се зголеми загаденоста

https://p.dw.com/p/1AfVE
Фотографија: dapd

Семејствата со ниски примања во Грција ќе добијат бесплатна струја за да се откажат од загревањето на своите домови со евтино дрво, кое го загадува воздухот во Атина и во други грчки градови.

Грчкото министерство за здравство соопшти дека планот за таквата акција е усвоен во ноември годинава и предвидува понуда за бесплатна електрична енергија во периодите кога смогот ги надминува дозволените граници.

Изминатиов викенд небото над Атина беше црно поради масовната употреба на огревно дрво. Особено во северните предградија на грчкиот главен град, загаденоста достигна двојно повисоки вредности од нормалните и ја достигна границата од 150 милиграми по метар кубен, која претходно ја дефинираа надлежните.

Според владиниот план, секое семејство кое е регистрирано како сиромашно во државната компанија за електрична енергија, добива два дена бесплатна струја за секој ден во кој е надмината границата на загаденоста.

Смогот во Грција содржи сулфур диоксид, карбон моноксид и други канцерогени супстанци, кои се сметаат за штетни за јавното здравје.

Поради економската криза, првично во 2010. година, загаденоста во грчките градови опадна, пред сѐ поради намаленото користење на автомобилите, но оттогаш е повторно во пораст, веројатно поради користењето на огревно дрво.