1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Беспомошен поглед кон Киев

Жанет Зајферт / Елизабета М. Фиданоска24 јануари 2014

Состојбата во Киев останува непрегледна. Во Германија и ЕУ се множат гласови дека треба да се преземе нешто. Но кои опции воопшто стојат на располагање?

https://p.dw.com/p/1AwRW
Фотографија: Reuters

„Прилично беспомошно“ - вака претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, во интервју за радиото Дојчландфунк, одговори на прашањето за тоа како се чувствува во врска со ескалацијата на насилството во Киев.

Повеќенеделните, главно мирни, протести во украинскиот главен град се претворија во вистински улични борби. Се употребува солзавец и водени топови, се пука и има жртви, а опозицијата постави ултиматум - или претседателот Јанукович ќе се повлече или таа ќе премине во напад.

Кај германските политичари од тој момент преовладува беспомошност. „Од Украина доаѓаат страшни слики“, рече министерот за надворешни работи Франк-Вaлтер Штајнмајер на маргините на конференцијата за Сирија во Монтрo. „Имам разбирање за исфрустрираната опозиција која со денови и недели гледа дека ништо не се мрда“, вели шефот на германската дипломатија. Сепак, германската позиција останува иста: „Насилството не е решение и тоа важи за двете страни.“ Но ако насилството не е решение, што е решението?

Syrien Friedenskonferenz 22.01.2014 Montreux
Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: DW/D. Hodali

Насилство е неприфатливо

Тонот на германската влада кон Украина, во секој случај, е значително заострен. „Од украинската влада очекуваме да обезбеди демократски слободи, особено можноста за мирно демонстрирање, да заштитува животи, да не применува насилство“, оцени канцеларката Ангела Меркел, која вчера водеше телефонски разговор со украинскиот претседател, по што неговата служба за односи со јавност соопшти дека при разговорот биле разгледани „можностите за мирен излез од кризата“.

Kiew Ukraine Protest Regierung 15. 12.2013 Elmar Brok
Елмар БрокФотографија: DW/A. Sawizki

И претседателот на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент, Елмар Брок, во интервју за Дојче веле бара владата во Киев да ги повлече недемократските закони. Тој вели дека разбира добро од каде е бесот на демонстрантите на плоштадот на независноста во Киев.

Што би донесле санкции против Киев?

За разлика од Ангела Меркел, Брок го поддржува предлогот на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо за санкции против Украина: „Мислам дека Јанукович и неговите луѓе мора да знаат дека за нас е неприфатливо да се применува насилство против мирни демонстранти“, нагласува Брок. Според него, можно е, на пример, да се замрзнат банкарски сметки на членови на владата и на украински олигарси и против нив да се воведат забрани за влез во ЕУ.

Ukraine Proteste Gespräch mit Janukowitsch Kiew 24.01.2014
Разговорите на Јанукович со опозицијата досега се без успехФотографија: Mykhaylo Markiv/AFP/Getty Images

И претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц е на мислење дека санкции не треба да се исклучат. Истовремено, меѓутоа, тој предупредува дека вратата не треба сосема да се затвора. „Зашто ако ние како ЕУ речеме дека веќе нема, на пример, да преговараме за тоа да се вратат на преговарачката маса за договорот за асоцијација, тогаш тоа значи дека ќе им направиме лоша услуга на луѓето на плоштадот Мајдан.“

Соодговорноста на Путин за ескалацијата

Од Русија пак, доаѓа остра критика на европските напори да се влијае врз настаните во Украина. Од Кремљ се нагласува дека е „неприфатливо“ на украинската полиција да и‘ се кажува што да прави и се повторува дека украинските власти знаат што треба да се стори. „Ваквите руски ставови ги сметам за нешто невидено“, се лути политичарката на Зелените, Марилуизе Бек, која добро ја познава Источна Европа и која се залага за посредничка мисија на ЕУ. Според нејзе, рускиот претседател Владимир Путин придонесол прилично за ескалација на ситуацијата со тоа што, како што вели таа, со огромни економски закани го спречил договорот за асоцијација на Украина и ЕУ. „Кремљ ги има и тоа како вмешано прстите“, нагласува Бек.

Demonstration und Proteste in Kiew 22.01.2014
Насилството не е решениеФотографија: Reuters

На такво мислење е и европратеникот Брок. Тој вели дека Москва во најмала рака го охрабрила украинското раководство на преземање остри мерки. „Дури мислам дека свесно е пружена помош при носењето на овие антидемократски закони.“

Соодговорност на Путин гледа и ополномоштеникот на германската влада за Русија кој е на заминување, Андреас Шокенхоф: „Затоа од Москва мора јасно да бараме да не ја обвинува и натаму ЕУ дека врши влијание во Украина“. Шокенхоф за ДВ оценува дека Русија мора да престане да и‘ се заканува на Украина со економски санкции доколку таа оди во насока на Европа.

Денеска еврокомесарот за проширување Штефан филе патува за Киев на разговори со страните во конфликтот. Првиот европски дипломат Кетрин Ештон вчера (23.01) изјави: „Вратите за дијалог и политичко решение мора да останат отворени.“ Таа исто така за неколку дена ќе замине за Украина.