1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Беше како на Титаник“

6 септември 2009

Бродската несреќа во Охрид, го отвори прашањето околу одговорноста за загубените животи и го подгреа, не новото, прашање - зошто во Охрид и ова лето не беше решен хасот во езерскиот сообраќај?

https://p.dw.com/p/JTA9
Фотографија: MIA

Викенд екскурзијата за 15 бугарски туристи заврши трагично. Тие настрадаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро, во близина на авто- кампот „Елешец“.

„Со многу мерак дојдовме во Охрид, да се расположиме и да се одмориме“, вели Зоја Васева и продолжува со раскажувањето: „Патувавме можеби половина час. Одеднаш бродот се навали надесно. Сите кои во тој момент бевме на левата страна се најдовме таму, на другата страна. Се работоеше за секунди и започна борбата за живот. Бев на палубата и се фатив за крајот на оградата. Се држев, додека можев. Започна паниката. Знам малку да пливам и кога немаше каде да се фатам се најдов во вода и се одржував на површината.“

Васева и по речиси десет часа од трагичниот настан зборуваше со голема возбуда: „Го доживеав Титаник, најверојатно. Тој филм сакам многу да го гледам и ете - го доживеав и јас. Секој момент мислиш дека умираш. Борба со водата. Гледавме да пливаме и да се фатиме за нешто. Околу 40 минути бевме во водата. Во близина имаше еден голем брод и уште неколку кајчиња и ако од таму не ни‘ фрлеа појаси за спасување и гуми, сигурно ќе се удавевме сите. Рекоа дека на нашиот брод имало само два – три елеци за спасување.“

„Беше страшно, јас не знам да пливам“

Венета Стаменова поради посериозни повреди, попладнето по несреќата го помина во охридската општа болница: „Почнавме да се спасуваме. Јас го фатив сопругот за кошулата, потоа го испуштив. До мене имаше друг маж со црна кошула и една жена. Сите се спасуваа кој, како можеше. Дојде другиот брод и не‘ спасија. На бродот „Илинден “ бевме само ние од групата. Беше страшно. Јас не знам да пливам. “

Schiffsunglück Mazedonien Ohrid
„Ако не ни‘ фрлеа појаси за спасување и гуми, сигурно ќе се удавевме“, велат преживеанитеФотографија: MIA

Бугарските туристи дошле во Охрид преку фирма која организирала тридневни екскурзии до одделни дестинации. Екскурзијата секого го чинела по 150 лева. Оваа тура гости претходно се познавале и решиле да дојдат заедно во Охрид. За жал, екскурзијата заврши несреќно. Денешното патување секого го чинело по 6 евра, изјави Ѓорги Георгиев, новинар од Благоевград.

Во големата мешаница пред заминувањето од приватните соби каде што беа сместени бугарските туристи пронајдовме еден од оние Бугари утрото не заминале на прошетка: „Не заминав со бродот. Останав да се одморам. Сето ова е голема трагедија. Тоа се мои другари пријатели. Имав голема среќа да избегнам ваква несреќа.“

Досега има само претпоставки

Причините за несреќата се‘ уште не се обелоденети, ниту пак, истражниот судија се огласи во медиумите. Претпоставки се дека до несреќата дошло поради пукање на една од сајлите која го одржувала балансот на бродот. Пензионираниот капетан по езерска пловидба, Злате Клечкароски изјави: „Ако пукнала една од сајлите, која и да било, или се откачила, тогаш доаѓа до неслушање на кормилото и бродот си зема правец сам, кормилото „не слуша“ .

Капетанот на бродот ја преживеа несреќата, а сопственикот на бродот заработи кривична пријава

Бродот „Илинден“ е изработен пред 85 години, во Регенсбург, Германија, и и‘ служел уште на воената морнарица на Кралството на Србите и Хрватите. Целосно е обновен во 1990-тата година. Вчера, макеоднскиот министер за одбрана, Коњаноски потврди дека пловилото добило документи за техничка исправност, во мај годинава.

Трета посериозна несреќа случена во Охридското езеро ова лето

Пред само две недели, во судир на два глисери, загина едно лице, а неколкумина беа повредени. На почетокот од летото, две 20 годишни момчиња трагично се удавија управувајќи педалинка. Јавноста во Охрид најчесто реагира вака: „Вината е што бродовите кои пловат се многу стари. Неисправен брод. За пари даваат лиценци, што не даваат. Не им е гајле што ќе биде со бродот и луѓето.“

Schiffsunglück Mazedonien Ohrid
Ќе се извлечат ли вистинските поуки од несреќата?Фотографија: megastar

Министерството за транспорт и врски реагираше со забрана за движење на скутерите во периодот од 11 до 18 часот, а некои од плажите што немаа ангажирано спасители беа затворени. Но, сето ова не беше доволна опомена за посериозно надминување на хаосот во езерската пловидба Бројот на пловни објекти, во последните неколку години, значително е зголемен. Се проценува дека во Охрид, во моментов, има над 2500 (регистрирани) пловни објекти, од што околу 200 се брзи глисери, а голем е бројот на скутери. Колкав е бројот на нерегистрираните, не се знае. Дали од последнава трагедија некој ќе извлече поука, ќе покаже времето. Но, сите сметаат дека несреќите и недоследното спроведување на законите од оваа област ќе се вратат како бумеранг на разнишаниот туристички имиџ на Охрид во светот.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска