1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнис дијаспората одново ја открива Македонија

Милчо Јованоски20 октомври 2012

Првиот глобален инвестициски самит во Охрид интересен за Македонците од дијаспората. Претпазливо го скенираат пазарот и размислуваат за ширење на бизнисите во Македонија, а најавија и инвестициски фонд за идните бизниси.

https://p.dw.com/p/16ThK
Фотографија: DW

На асоцијацијата „Македонија 2025“ и успеа во Охрид да ги собере македонските и странските бизнисмени и да ја исполни и главната определба во развојот на Македонија да ги вклучи и бизнисмените од дијаспората. Приказните за „дарежливоста“ на Македонците кои тешко ги заработуваат парите во светот и уште потешко се осмелуваат да ги инвестираат во родната земја се точни. Колку што е точно дека нивните трансакции до роднините во Македонија се далеку повисоки и неспоредливи со нивните инвестиции.

„Дојдовме со цел да ја поттикнеме бизнис дијаспората, да се најдат потенцијални инвеститори, да се зголеми комуникацијата меѓу Владата и бизнис секторот. Сакаме да ја подобриме бизнис климата, и да се искористат предностите што ги нуди Македонија“, вели Мајк Зафировски, претседател на бордот на „Македонија 2025“.

„Дијаспората досега не беше многу присутна со директни инвестиции, иако логистички помагаше во напорите на владата за слични форуми и воспоставување на контакти со други компании коишто сакаат да инвестираат“, признава вицепремиерот Зоран Ставрески. На самитот е потврдена идејата наскоро дијаспората со свои лични средства да формира инвестициски фонд. Така ќе ги помагале новите бизниси и компании.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Вицепремиерот Зоран СтаврескиФотографија: MIA

Ред поволности и ред проблеми

Претпазливоста на дијаспората е видлива. Очекува подобрување на судскиот систем, решавање на административни тесни грла, полесно добивање градежни дозволи, подобра сообраќајна инфраструктура... Емил Христов 11 години е во САД таму студирал и сега е сопственик на „ЕМСА Солар“ и член на Бордот на директори на „Македонија 2025“. На специфичен начин го помага развојот на Македонија преку секторот за обновливи извори на енергија.

„Ова е одличен настан. Се зборува за идни бизнис релации и има силна порака како ние Македонците да и помогнеме на овдешната економија да се придвижи. Всушност и мотото на самитот е ’Откријте ги новите можности’. Јас веќе имам претставништво во Македонија. Целта не ми е тука да продавам продукти, туку канцеларијата е целосно свртена кон САД. Го користиме знаењето на луѓето, претежно архитекти и инженери. Има доста млади луѓе со голем потенцијал и ги учиме да работат по западните принципи и тие постепено да станат применливи и тука“. Христов додава: „Ако сакате да критикувате и да барате маани, сигурно ги има и во овој концепт. Во Македонија треба администрацијата да ги зголеми капацитетите, да го напушти бирократското однесување, да се примени новата технологија и да се зголеми ефикасноста во работењето. Да не се чека долго пред или зад шалтерите“.

Emil Hristov und Kris Pavlovski Mazedonien
Емил Христов и Крис ПавловскиФотографија: DW

Дијаспората има интересни проекти – треба да се искористат

Крис Павловски е роден во Канада, а неговите родители потекнуваат од Македонија. „На почетокот емоциите ме натераа да размислувам за ширење на бизнисот во земјата на моите родители. Но, пред да почнам направив опширно истражување на економиите во повеќе земји и овдешната бизнис клима и пазар ми се видоа најпривлечни. Во Македонија гледам потенцијал за развој на ИТ секторот и тука сум идеите да најдат плодна почва“.

Божин Трајкоски педесет години живее во Австралија. Потекнува од селото Долно Лакочереј близу Охрид. На Инвестицискиот самит е во потрага по партнери со кои би изградил нова елитна населба на само шест километри од Охрид. „Поседувам приватно земјиште, купив и друго државно земјиште. Над моето родно место, ќе треба да се изградат 200 куќи на исто толку парцели. Планот е веќе готов и се надевам дека до Нова Година ќе заврши урбанизацијата на земјиштето. Целиот проект ќе чини близу 30 милиони евра“, вели Трајкоски. Пред да почне со градба сака прво да се изгради сета потребна урбана инфраструктура (вода, струја, канализација, улици...). Така е вели во Австралија. Сака високите градежни стандарди да бидат прифатени и во Македонија.

System für Wasserreinigung in Ohrid
Фотографија: DW

Бизнисменот Живко Лазаров по потекло од Кочани живее во Германија има намера да инвестира во областа на енергетката. Планира преку согорување на биомаса да произведува струја.

Zivko Lazarov aus Mazedonien
Живко ЛазаровФотографија: DW

„Овој бизнис го нема во Македонија и сметам дека има перспектива. Читајќи една статија за Источна Македонија ми падна во очи тврдењето на тамошното население дека имаат големи колични отпад од стебла, слама, лушпи и измет од животните. Со помош на генератор би се прозведувал метан, па дури потоа електрична енергија“.

Според Лазров условите за инвестиции во Македонија на очиглед се добри. Воспоставил контакти, но најверојатно ќе му требаат околу три години да ја заокружи инвестицијата.