1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнис и политика

19 јануари 2006

Меѓународниот притисок врз Иран е огромен, зашто меѓународната заедница се сомнева дека земјата се подготвува да гради атомска бомба. Меѓутоа, тоа не ги спречува германските фирми да прават бизнис зделки во оваа земја.

https://p.dw.com/p/AeMt
Бизнисот поважен од политиката
Бизнисот поважен од политикатаФотографија: AP

Всушност, Иран е најголемиот извозен пазар за Германија во тој регион. Сепак, фирмите што работат во Иран се однесуваат прикриено, зашто ако премногу интензивно делуваат таму, им се закануваат санкции.

Недалеку од првата иранска атомска инсталација во Бушер во Персискиот залив, се наоѓа Азалујех. Всушност, сосема безначајно место, но во ушите на енергетските коцерни во светот мошне звучно име. Зашто под Азалујех лежи Саут-Парс, веројатно најголемото поле со резерви на гас на планетава. Оттаму, тоа истовемено е и најголемото петрохемиско градилиште на светот и затоа добро звучи и во ушите на германската индустрија:

„За бизнисот со постројки, Германците секако се партнер број еден. Германските фирми имаат договори тешки повеќе милијарди. Во Иран врз големи проекти работат големи производители на постројки како Лурги, Круп-Ухде, ДСД и други„... вели Михаел Токус, бизнис шеф на германско-иранската трговска комора во Техеран. Всушност, тој го изјави ова пред околу 3 години, токму кога Германија и Иран склучија договор за заштита на меѓусебните инвестиции кој на германските фирми им дозволува добивките во Иран безбедно да ги префрлаат во Германија, како и дозвола за влез во иранските џоинт-венчрс фирми, исто така со германско мнозинство. Сите овие фрими и денес се активни во Иран. Енергетскиот концерн Е-он размислува за нов влез токму во врска со иранскиот гас. Меѓутоа, Михаел Токус денес веќе не би ги спомнувал нивните имиња. На веб-страницата на германско-иранската трговска комора во меѓувреме е избришан линкот кон сите фирми: сите и натаму работат во Иран, но во моментов никој не сака гласно да биде спомнуван. Притоа петрохемијата не е единствениот сектор каде што заработуваат германските фирми. Уште пред само половина година Токус велеше:

„Овде имаме сосема нов Дајмлер-Крајслер на пазарот кој ќе започне со локална монтажа на Е-класата. Тука е и Фолскваген. Третото подрачје е германската машинска индустрија. Традиционално германската машинска индустрија има удел во извозот од околу милијарда евра и за германските машински фирми Иран денес е поважен од етаблираните држави како Канада или Индија„.

Иран во меѓувреме за германската индустрија е најважниот извозен пазар на Блискиот исток, дури поважен и од Саудиска Арабија. Во минатата година извозот достигна 4 ипол милијарди евра. По кризата околу Миконос - атентатот и заложништвото на Германецот, Хелмут Хофер, волуменот расте годишно за големи 20 до 30 проценти. Обратно, Иран не игра никаква улога: ниту половина процент од германските потреби за нафта не доаѓаат од Иран. И, грст персиски килими...

Така, германските фирми прават добри зделки во Иран, но поради американските закани со санкции, само ретко како чиста инвестиција. БАСФ испорачува постројки или Сименс централа, земаат пари и исчезнуваат. Зашто при чистите инвестиции преку 20 милиони долари мора да се донесе решение меѓу зделките во Иран или во САД. Колку жесток може да биде американскиот притисок почувствува Тисен Круп. Кога концернот во седумдесттите години беше на работ на пропаст, Иранците влегоа со 25 проценти и го спасија германскиот концерн од пропаст. Меѓутоа, притисокот од САД, го натера Тисен-Круп пред една година уделот на Иранците да го спушти под 5 насто, со што им го одезеде и последниот мандат во извршниот одбор.