1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнис климата во Македонија: топло-ладно

21 август 2011

Каква е бизнис климата во Македонија? По извештајот „Дуинг бизнис во ЈИЕ“ оценка на владата е дека климата се подобрува. Дел од експертите предупредуваат дека треба да се гледа реалната состојба, а не нормативните акти.

https://p.dw.com/p/11y7o
Фотографија: Fotolia

Скопје, Битола и Тетово се рангирани на првото, второто и третото место меѓу 22 градови од 7 земји во најновиот регионален извештај на Светската банка под наслов „Дуинг бизнис во Југоисточна Европа“, претставен неодамна во Виена. По нарачка на владите на државите во регионот, извештајот ги мери реформите во четири области: почнување бизнис, дозвола за градба, регистрација на имот и извршување договори. Според министерот за финансии и потпретседател на Владата Зоран Ставревски, ова е уште една потврда за подобрувањето на бизнис-климата.

„Петка за маркетинг!“

Бесник Фетаи, поранешен министер за економија и сегашен професор по макроекономија на Штуловиот универзитет во Тетово, реагира:

„Извештајот ’Дуинг бизнис’ зависи од тоа кои фактори се земаат предвид и какво влијание има Владата на Македонија врз институцијата, која го подготвува извештајот. Но, ако се симнете ’долу’ и ако се’ се гледа, перцепцијата на граѓаните, како и на оние што сакаат да започнат со бизнис, тогаш ќе се види дека реалноста е сосема поинаква од оценката направена од Светската банка. Мислам дека е малку преамбициозно тоа што овие три градови се оценети како најповолни бизнис-дестинации. Е, сега, се разбира дека секој министер сака политички поени, оти, еве, ’тоа е направено’, сака маркетинг, а горе-долу и оваа Влада има ’петка’ за маркетинг! Знае одлично да се рекламира!“

Бесник Фетаи
Бесник ФетаиФотографија: DW

Абдулменаф Беџети, професор по јавни финансии во истиот универзитет, е категоричен:

„Прво треба да се види врз основа на која метода е добиена таквата проценка, како е добиен таквиот резултат? Можно е тоа да е направено врз основа на снимање на нормативното уредување на системот, бидејќи обично ’Дуинг бизнис’ ги следи нормативните аспекти: законите, подзаконските акти итн. ’Дуинг бизнис’ не го следи реалното одвивање на активностите, постапките и околностите за одвивање бизнис.“

„Треба и да се даде ’рушвет’ ...“

Фетаи директно реплицира на споменатиот извештај во делот на почнувањето бизнис и за дозволите за градба:

„Во Тетово имаме неколку случаи каде што луѓето сакаат да почнат со бизнис, меѓутоа, имаат проблеми околу дозволите за градба на објектите. Но, повеќе имаат проблеми во врска со имотно-правните односи, кои се нерасчистени во Тетово. За него ќе може да се каже дека е добра бизнис-дестинација, кога луѓето нема да имаат проблеми со административните и бирократските процедури при основање на бизнисот. Тие се судираат и со индексот на корупцијата, кој влијае негативно врз почнувањето со бизнисот. Имаме такви случаи во градежниот сектор: ако се започнува со градба на некоја зграда, или ако се зема локација која е во сопственост на Република Македонија, тогаш бизнисменот неопходно треба да даде ’рушвет', односно да поткупи со пари некого, за да отвори бизнис, или да стартува со градба на некоја зграда, се‘ со цел комуналиите да му бидат малку пониски.“

Абдулменаф Беџети
Абдулменаф БеџетиФотографија: DW

Беџети конкретизира и посочува еден пример:

„Ако гледате од другата страна, појдете и прашајте ги самите компании, кои го извршуваат секојдневниот бизнис, па ќе ги видите нивните проблеми. Колку ќе чекаат тие за едно решение во Управниот суд, заради обжалено решение на фискална основа, на даноците, колку ќе чекаат тие за поврат на данокот на додадена вредност? Колку компаниите ќе чекаат за решение за приклучок на електрична енергија? Тогаш ќе ја видите реалната состојба. Еве ви и еден од повеќето примери, кои потврдуваат дека посебно во Тетово со ништо, ама баш со ништо, нема добра бизнис-клима: и три години од денот на донесувањето одлука од страна на Владата за формирање слободна економска зона, таа и натаму е се‘ уште само зелена ливада. Нема ниту разграничување со поставување околен ѕид. Кај е постапката за барање инвеститори во зоната, кај е постапката за просторното, урбанистичкото регулирање ... ?“

„Не ни‘ ја дадоа слободната економска зона, а странци нема“

Мендерес Кучи, бизнисмен и претседател на Стопанската комора за северозападниот дел на Македонија, истакнува:

„Сега немаме драстично менување на нештата, не е сменето ништо битно во тој правец, се‘ е како што било од порано, од 90-тите години, да речеме: на пример, ако за една идна инвестиција ни‘ треба површина, која што е во приватен посед, тогаш нема да доаѓа никој да инвестира, оти се знае колку многу пари чини тоа земјиште. Но, можеби и не треба да чекаме некој од страна, од надвор да дојде да инвестира кај нас. Имаме значителен број домашни бизнисмени, кои се готовни самите да вложуваат. Ние баравме да управуваме со слободната економска зона во Тетово, односно ние да започнеме да вложуваме во неа, како домашни производители, меѓутоа, со разни закони тоа ни‘ беше ускратено.“

Die Freie Wirtschaftliche Zone in der Gegend von Tetovo, Mazedonien
Фотографија: DW

Професорот Беџети ги повикува експертите на Светската банка:

„Во реалниот живот бизнис-климата во Тетово е многу, многу полоша отколку што се прикажува во извештајот на ’Дуинг бизнис’. Нека повелат луѓето од Светска банка кај нас, заради конкретни истражувања, со научни утврдени аргументи, па ќе им кажеме како се прави таа квалификација за деловна клима во Тетово.“

„Добрата бизнис-клима се гради само со ефикасни, реални и долгорочни мерки на рамниште на целата земја“, заклучуваат овие соговорници.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска