1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бикинито слави роденден

5 јули 2010

Лето сонце и... бикини. И така веќе 64 години. Легендарниот костум за капење го креираше еден Французин во 1946. Медиумите и црквата тргнаа во хајка, но потоа бикинито го облече Брижит Бардо и ... останатато е историја.

https://p.dw.com/p/OB2p
Дводелниот костум за капење владее на плажите ширум светотФотографија: AP

Во јули 1946 година Луј Реар во Заводот за патенти во Париз со едноставен цртеж го пријави неговиот изум - дводелниот костум за капење. Тогаш никој не знаеше дека четирите мали триоголници од штоф, подобро познати како бикини, некогаш ќе владеат со плажите ширум светот. Но, во далечната 1946 година ниту една манекенка не се осмелуваше да облече бикини. За премиерата на 5 јули 1946 година Реар изнајми базен, а бикинито го носеше стриптизетата Мишел Бернандини.

На почеток крстоносна војна против бикинито

Halle Berry im Bikini
Хале Бери во еден од поновите филмови за Џејмс Бонд носеше слично бикини како Урсула Андерс во првиот филм за агентот 007Фотографија: dpa

Луј Реар всушност беше машински инженер, но ја презема продавницата на мајка му и така се запозна со светот на долната облека. Реар одлучи за назив за својот костум за капење го избра името на малото пацифичко островче - Бикини, на кој Американците четири дена пред неговата модна ревија, тестираа атомска бомба.

На јазикот на островјаните името бикини значи земја на многубројни кокоси, но тоа тогаш беше симбол за нуклеарните тестови. И креацијата на Реар имаше ефект на бомба, барем во светот на модата и она што се нарекува дух на времето.

На почетокот продажбата не одеше добро, а во католичките земји како Италија, Шпанија или Португалија, црквата тргна во вистинска крстоносна војна против бикинито. И во САД еден женски магазин во 1957 година напиша дека е „практично незамисливо дека една пристојна девојка некогаш би носела такво нешто“.


Брижит Бардо во бикини

Atompilz über dem Bikini-Atoll
Атомска експлозија над атолот БикиниФотографија: AP

Французите отсекогаш биле нешто послободни и така во 1956 година Брижит Бардо се појави во бикини во филмот „И Бог ја создаде жената“- и предизвика вистинска сензација. Шест години подоцна, во првиот филм за Џејмс Бонд, во бикини се прошета и Урсула Андерс. Подемот на бикинито веќе не можеше да се запре.

64 години по скандалозната и сензационална презентација на првото бикини, дводелниот костум за капење е нормална појава на плажите ширум светот, никој не се врти по него, евентуално по неговата сопственичка, но тоа веројатно би било исто и да е во едноделен костум.

Автор: Сузан Кордс/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Молошевска Фиданоска