1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билатералните спорови да не се креваат на ниво на ЕУ!

4 декември 2009

Пратениците во Бундестагот расправаа за европските перспективи на Западниот Балкан, а во 30 минутната дискусија збор стана и за спорот со името меѓу Македонија и Грција

https://p.dw.com/p/Kpt6
Трпението на ЕУ не е бесконечно, изјави Гунтер Крихбаум кој од говорницата не ја поштеди ниту ГрцијаФотографија: Deutscher Bundestag/Lichtblick/Achim Melde

Пратениците се согласија во едно: европските перспективи на земјите од западниот Балкан се реалност и не се негираат, особено сега, кога е во сила Лисабонскиот договор. Останува исполнувањето на критериумите, зашто Европа како заедница на солидарност, колку да носи погодности, носи и обврски.

ЕУ нема бесконечно трпение

Негативниот ефект од европската солидарност, најдобро ја чувствува Македонија, која и покрај препораките од Европската комисија, наредната недела, најверојатно, ќе се соочи со уште едно вето од Атина. Пратениците од говорницата не беа пристрасни:

„Што се однесува до Грција треба се користи јазикот на дипломатијата за да се остане пристоен. Од 1981-та, од нејзиното приклучувањето кон ЕУ, таа е најголем корисник на средства од Унијата. Од ова секогаш профитирала, а сега исто профитира и од солидарноста на Европската унија”, истакна Гунтер Крихбаум од ЦДУ-ЦСУ потсетувајќи дека своевремено кога се носела одлуката за нејзиниот прием биле вадении гуми и пенкала за да се исполнат, макар и на парче хартија, критериумите од Мастрих . Со тоа трпението на членките било начнато, па затоа Крихбаум ги предупреди и двете страни:

„Трпението драги колеги не е бесконечно. Очекуваме билатералните расправии да не се подигаат на ниво на ЕУ и со тоа да бидат нејзин дополнителен товар. Но, ова важи и за Македонија.Таа беше добро советувана да се откаже од провокации кон јужниот сосед, зашто тоа не е во духот на Европа и не води кон приклучување во Унијата.

Обврски и одговорност

Марилуизе Бек од Сојузот 90/Зелени потсети дека историска грешка на Унијата била што го превиде национализмот на Балканот. Ист таков национализам се доживува и денес во Грција, вели Бек, зашто поинаку не може да го протолкува ирационалниот спор со Македонија околу името. Таа запраша како може една земја која толку многу профитирала од Унијата, сега да го доведува во прашање нејзиното проширување:

Marieluise Beck
Како Грција која толку профитирала од ЕУ, сега го доведува во прашање проширувањетo - праша Марилуизе БекФотографија: picture-alliance /dpa/dpaweb

„Не е за верување! И затоа, нема ли сили Европската унија на оваа членка Грција да и‘ каже дека ваков вид на националистичка политика не припаѓа во духот на Европската унија? Членството во ЕУ претставува задача и за суверенитетот. Кој е во ЕУ нема да има само приод кон ресурсите и поддршка, туку ќе се обврзе и кон овој европски проект. А, тоа значи и предавање на суверенитетот. Ние во Европа затоа и се заложуваме за надминување на национализмите, зашто знаеме какво зло носат.”

И Германија да ја поддржа препораката на Комисијата

Социјалдемократот Дитмар Ниетен потсети на самитот од Солун кога на земјите од Западниот Балкан им беше ветена европска перспектива и побара тоа да не останат празни зборови. Тој кажа дека благодарение на спроведените реформи, Европската комисија донесе препорака за почеток на пристапните преговори со Македонија искажувајќи ги од говорницата своите очекувања:

„Затоа и се надевам дека сојузната канцеларка наредната недела, на Европскиот совет во Брисел, ќе преземе иницијатива и ќе се заложи за донесената препорака и отворање преговори. Сметам дека германската влада, сега, со грчките пријатели може да поразговара за отстапки во однос со името. Да се откаже европската перспектива на Македонија поради долгогодишниот спор со името би било во најмала рака неодговорно.“

„Сакаме Македонија и Грција да го разрешат проблемот околу името. Имаме добар пример како тоа го направија Словенија и Хрватска. Двете земји, и Македонија и Грција мора европски и да размислуваат и да делуваат”, подвлече во своето прво обраќање пред Бундестагот и либералот Оливер Лукшиќ.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема