1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билети за финале по секоја цена

Б. Георгиевски/ртр3 мај 2013

Речиси половина милион навивачи на Борусија и на Бајерн побараа влезници за финалето во Лигата на шампионите кое ќе се игра на 25 мај во Лондон. Цените на билетите во меѓувреме уриваат рекорди.

https://p.dw.com/p/18Re7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фановите на лутите ривали Бајерн Минхен и Борусија Дортмунд имаат иста мака пред големото финале во најпрестижното европско фудбалско клупско натпреварување. Двата клуба добија по 25 илјади билети за финалето кое се игра Вембли во Лондон, стадион со капацитет од 86 илјади гледачи.

Но тоа ни одблизу не ги задоволува апетитите на навивачите. Иако цената на билетите е релативно висока и се движи од 93 евра па нагоре, таа не е пречка за најзагреаните љубители на фудбалот. Претседателот на Борусија Ханс-Јоаким Вацке соопшти дека во клубот досега пристигнале 250 илјади барања за влезници, а се очекува бројката да достигне околу 450 илјади, до недела кога е крајниот рок за поднесување барања.

Слична е состојбата и кај Бајерн, каде 185 илјади навивачи досега се обратиле за купување билети.

Оние кои ќе останат без билети од клупската алокација ќе можат да се надеваат на препродавачите на интернет, но за таквото задоволство ќе треба да платат висока цена. Имено, веќе во моментов регуларен билет чини преку три илјади евра.

Мала утеха за оние кои ќе останат без билети може да бидат организираните зони за гледање на финалето. Градот Дортмунд веќе најави дека ќе изгради три специјални зони за групно гледање на мечот, додека надлежните во Берлин размислуваат повторно да ги активираат навивачките зони кои се користеа за време на Светските фудбалски првенства во 2006 и 2010 година.