1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Било што било...

6 август 2010

Три и пол месеци од почетокот на нафтената катастрофа во Мексиканскиот залив, концернот БП успеа да го затвори изворот со нафта. Иако кризата ни од далеку не е надмината, владата на САД наскоро ќе го затвори случајот.

https://p.dw.com/p/OcxH

Полошо не можеше да биде. Фикцијата за убавиот, воскреснат свет во Мексиканскиот залив, што ја шири официјален Вашингтон, е вистинската катастрофа во случајот „Дипвотер хорајзон“. Од платформата со месеци истекуваа речиси 800 милиони литри нафта во морето. Но, сега, по 107 денови, власта се однесува како да не се случило тукуречи ништо: дупката конечно е затната, завршните работи за нејзино запечатување се во тек, а поголемо количество истечена нафта како да испарила со помош на волшебна рака.

Мајката Природа и таткото Обама очигледно ја завршија целата работа: бактериите, бродовите за собирање и експертите за палење на нафта беа успешни. Најголемата нафтена катастрофа во светот - во секој случај во мирнодопски услови - е надмината, и тоа на општо задоволство. Таквиот пристап на американската администрација е поголема катастрофа, од онаа со плажите загадени со нафта, со илјадниците пеликани и водени желки кои се удавија во излеаната нафта, како и судбината на десетици илјади рибари кои треба да живеат од риболовот во Мексиканскиот залив.

Нафтената индустрија ќе го прокнижи поглавјето „Дипвотер хорајзон“ како тежок, но неопходен процес на учење. Владата на Обама ќе тврди дека благодарение на катастрофата на нафената платформа сега располага со најподготвената, најнекорумпираната и најдоборо опремената служба за надзор на нафтената индустрија во целиот свет. Исто и дека времињата на ортаклакот со редица нафтени концерни, како БП, Ексон, Шеврон и други, се засекогаш минато. Американскиот претседател, пак, ќе се врати на неговото убедување, кое го искажа кратко пред експлозијата на „Дипвотер хорајзон“, дека нафтените дупчења во морските длабочини во догледна иднина се нужно зло.

„Дупчи, бејби, дупчи“

Веќе по само неколку часа откако пристигна веста за успехот на БП со затворањето на изворот, американското министерство за внатрешни работи и неговата Служба за надзор почнаа да размислуваат да ја укинат забраната за работа на 33-те нафтени платформи кои работат длабоко во водите на Мексиканскиот залив. Повторно треба да протечат нафтата, профитите и даночните приходи за државната каса. Тоа треба да се случи колку што е можно поскоро, колку што е можно побрзо - тоа е мотото од кое очигледно се раководи американската влада.

Се чини дека сите го заборавија говорот до нацијата од Овалниот кабинет, во кој Обама ги опомена сограѓаните дека Америка треба добро да размисли за алтернатива на сегашноста алчност по нафта. Говорот се претвори во еден вид претседателски фолклор погоден за кризни времиња, во видео-клип на интернет платформата „ју тјуб“ што му припаѓа на минатото.

Претседателот дури го спореди 20 април 2010 година, денот кога експлодираше нафтената платформа „Дипвотер хорајзон“, кога изгореа или се удавија 11 работници на платформата и нафтата почна да се излева во морето, со терористичките атентати од 11 септември 2001 година. Најголемата криза да се сфати како најголема шанса за од ново да се постават насоките за во иднина - и таква изјава слушнавме од Обама во зенитот на нафтената криза. Во меѓувреме, и таа е одамна заборавено реторичко уметничко дело на пишувачите на неговите говори.

Америка и светот наскоро ќе го затворат случајот со нафтената катастрофа во Мексиканскиот залив. Таа ќе биде само уште настан што ќе најде место во годишните прегледи на медиумите за 2010 година. Ќе останат само уште неколку драстични фотографии од животни удавени во нафта - ништо повеќе нема да остане во сеќавањето на нацијата. Републиканците ќе тврдат дека случајот со „Дипвотер хорајзин“ покажува оти и наводно најголемите катастрофи може да се менаџираат и дека медиумите безмерно претерувале во известувањето за несреќата. А и количеството на нафта што истекла, не изнесувала споредбено ништо повеќе отколку половина чашка ракија во јавен базен.

„Дупчи, бејби, дупчи“, „ајде повторно да бараме нафта“ - тоа од овој момент е повторно паролата по која се води Америка.

Автор на коментарот: Ралф Зина

Превод: Алексамдра Трајковска

Редактор: Елзиабета Милошевска Фиданоска