1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билт: Грција нема да попушти во спорот со Македонија

БГ/миа22 ноември 2013

Шефот на шведската дипломатија, како и висок германски дипломат во Вашингтон изјавија дека не гледаат можност за брзо придвижување во спорот за името.

https://p.dw.com/p/1AMG4
Фотографија: Dragan Todorovski

Грција не покажува дека планира да направи исчекор во однос со спорот со Македонија за време на нејзиното претседавање со Европската унија, оцени шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт.

„Не гледам ништо што укажува во таа насока“, одговори Билт на прашањето дали е можно Грција да направи гест во однос на Македонија, за време на нејзиното претседавање со Европската унија во првата половина на 2014. година и да дозволи отворање на преговори за членство.

Шведскиот министер за надворешни работи и поранешен европски пратеник на Балканот рече дека регионот во целина напредува, но бавно.

„Можеме да се фокусираме и на фактот дека Балканот оди напред. Скоро сите земји од Балканот се во процес на преговори. Само Босна е исклучокот. И Македонија е исклучок, но од други причини. Не би бил премногу песимист кон Балканот, можеби се движи побавно отколку што јас би сакал, но се движи“, изјави Билт.

Томас Багер, шефот на одделот за планирање на политики на германското Министерство за надворешни работи, кој како и Билт е во Вашингтон на консултации по кризата која настана со одбивањето на Украина да потпише договор за асоцијација со Европската унија, исто така беше прашан и за неговите очекувања за македонските интеграции, особено по средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со посредникот во разговорите Метју Нимиц, а пред нејзината денешна средба со грчкиот премиер Андонис Самарас.

„Немам што да додадам. Би сакале работите да се придвижат напред и тоа е причината што дојде до средбата со Нимиц. Но, нема конкретен напредок кој би ми дал можност да кажам дека имаме реална перспектива за време на грчкото претседавање со Унијата“, изјави Томас Багер.