1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката за јазикот се губи и на домашен терен

17 јануари 2011

Македонскиот јазик повторно е на удар. Го оспоруваат, посебно однадвор, но се’ повеќе е нападнат и во медиумите и живата коминикација во самата Македонија, еродирајќи го како лексика, но и како литературна вредност.

https://p.dw.com/p/QdBy
Фотографија: AP

Деновиве на ваквиот однос кон македонскиот јазик јавно се спротивставија писателите, лекторите, лингвистите. Јазикот е нашиот идентитет, ни го преименуваа како „државен“ во Брисел, го избришаа од графите на ОН како техничка грешка, затоа и реагиравме како писатели, зашто ја проценивме манипулацијата на европската и светска дипломатија, вели потпретседателот на ПЕН клубот Ефтим Клетников.

„ Можеби е пресилен поим, но јас го велам ова- геноцид врз еден народ, зашто ако идентитетски избришете еден народ преку името, како да сте го избришале и народот. Тоа се тие перфидни методи на таа Европа, која јазикот го нарекува државен, а зошто не го нарече францускиот или германскиот така, или зошто нив одеднаш не ги снема од графите на ОН“, вели поетот и преведувач Клетников, додавајќи:

„ И се заборава дека јазикот произлегува од името. Неможе да биде важен јазикот ако нас не пркрстат во северномакедонски или горно македонски јазик, соодветно на некој и некаков компромис. На тој начин се пресекува неговата автентичност, значењето на македонскиот во картата на светски јазици.“

Голем пад на нивото

Но битката за литературниот јазик и вредноста, па и богатството на македонскиот како да се губи и на домашен терен, предупредуваат писателите, лекторите и експертите од Институтот „Крсте Мисирков“.

Новинарите, политичарите, преведувачите, издавачите, во трката со времето, парите или недостигот од литературна култура, се повеќе го провинцијализираат, од сленг, до дијалекти кои имаат само локално значење, се оценува во научните кругови на земјата.

Buchhandlung in Skopje Mazedonien
Фотографија: DW/Toevski

„ Сведоци сме на големо паѓање на нивото на македонскиот литературен јазик и неговата граматика и акцент. Подеднакво лошо влијаат електронските медиуми, нелекторираните книги и преводи, политичарите кои во јавните настапи, понекогаш си го користат и таканаречениот маалски речник“, вели лингвистот Симона Груевска-Маџовска од Институтот за литература и јазик. Таа посочува дека во јавната комуникација се повеќе се напушта кириличното писмо, се осиромашува литературниот говор: „ Како да се срамиме да го користиме, се запоставува и правописот, па и граматичката сложенка на реченицата, при што се користат рецидиви од српскиот склоп на речениците“, вели Груевска, која во Институтот сега работи на капитален проект за синонимите во македонската лексика.

„ Сите зборуваме за македонскиот јазик , како главен показател за нашиот идентитет, но правиме се’ да не го сочуваме во неговата литературна форма, не се трудиме да го збогатуваме. Ние сите не се грижиме како пишуваме, како зборуваме“, вели Груевска. Кон нејзините согледувања, практична потврда доаѓа од лекторот во весникот Време, еден од најтиражните во земјата.

„ Ако во скорешното минато бевме атакувани од влијанието на српскиот јазик, денеска имаме ’англизирање’ на говорот и писмото, како да се срамиме да ги користиме македонските зборови или синоними. Повеќето од новинарите робуваат на странските зборови и именки или глаголи, како по автоматизам очекувајќи дека со тоа текстот или анализата ќе добијат на тежина“.

Комплетирање на толковниот речник

Лекторската асоцијација неодамна предупреди на грубото заробеништво на литературниот јазик под дикатат на неписменоста, тенденцијата за осиромашување на речникот.

„ Право да ви кажам додека читам весници или гледам телевизија за глава се фаќам. Не го препознавам јазикот. Но мислам дека правописот на Конески веќе е надминат зашто сепак има помал фонд на синоними и зборови, а јазикот во меѓувреме е збогатен со воведување на нови форми на дијалекти и зборови кои се користат. Македонскиот јазик треба подеднакво да се чува како од деструкцијата на меѓународен план, како бедем на идентитетот и јазичната посебност на Балканот, така и во домашната комуникација со одбрана од ’србизмите’, ’англизирањето’ или деградирајки го како жив, нов и современ“, вели познатиот македонски поет и преведувач Ефтим Клетников. Тој е незадоволен од бавноста во комплетирањето на македонскиот толковен речник чија изработка започна пред една деценија.

„ Но и со четирите досегашни тома, остануваат уште два до неговото комлетирање, Толковникот ќе биде завршен. Да не заборавиме дека и во далеку побогати земји кодификацијата на националните речници се одвива со децении“, вели Груевска, која во Институтот за македонски јазик, пред пет години беше дел од бројната лексикографска екипа во прибирањето и систематизирањето на поимите и македонските зборови.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски