1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката на унгарското судство

Хилде Штадлер/ Александра Трајковска 1 мај 2013

Владата на премиерот Виктор Орбан постојано се обидува да им ја одземе моќта на судовите во Унгарија. Тие не се предаваат и ги враќаат закон по закон на ревизија.

https://p.dw.com/p/185Sp
Фотографија: Getty Images

Станицата Клубрадио и нејзините соработници, кои во Будимпешта емитуваат против едноумие на медиумите, во меѓувреме важат за мерило за демократијата во Унгарија. Двеипол години државните медиумски власти се противеа да и’ доделат на станицата постојана фреквенција со секогаш нови образложенија. Клубрадио тужеше на суд.

Андраш Арато, генерален директор Клубрадио вели: „Судот донесе три правосилни пресуди во наша корист. Но, медиумските власти постојано ги оспоруваа. На тој начин повеќе од две години не држеа во неизвесност. Тоа се вклопува во концептот, кој има за цел економска пропаст на неомилените, критички медиуми“.

Критички извештаи се обележје на Клубрадио. Актуелна иритација: унгарската влада одликува тројца познати антисемити и десни екстремисти со висок орден за заслуги. Во Клубрадио работи поранешен носител на тоа признание.

„Од денеска не сакам повеќе да бидам носител на орденот Танчич. Мојот орден ќе му го испратам на министерот!“

Студентите погодени од уставните промени

Пародија на десноекстремната партија Јобик, инсценирана од студентите на универзитетот во Будимешта. Нивната „Лук партија“ е поддржана од истомислениците во Германија, од „Јаболко партијата“.

„Нашите две земји се скандалозно мали претставени. Тоа треба да се промени!“

Ако се изземе оваа пародија, на студентите не им e до смеа. Тие во голема мерка се погодени од актуелните уставни промени. Во иднина сите студенти на државните унверзитети мораат да останат во Унгарија по завршувањето на студиите, најмалку толку долго колку што траеле нивните студии, сеедно дали има работни места или не.

Армин Ланге, студент по филозофија на државниот универзитет во Будимпешта потсетува: „Според мое мислење тоа е сосем спротивно на одредбите на Европската унија, дека неможеш слободно да се движиш“.

EU Ungarn Flaggen Budapest
Фотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

За студентите и за многумина Унгарци судовите беа последниот бастион за правото и демократијата во земјата. Меѓутоа деснопопулистичката влада на Орбан со своето двотретинско мнозинство во Парламентот во голема мерка му ја одзема моќта на Уставниот суд и направи натамошен чекор во правец на автократија.

Сиромашните соочени со нови проблеми

Особено силно се погодени најсиромашните меѓу сиромашните. Кој нема покрив над глава и ќе биде фатен, му се заканува затвор.

Честопати црковни институции се грижат за бездомниците, за луѓето без работа и семејствата во нужда, како евангелистичко-методистичката црква на пасторот Габор Ивањи. Таа веќе со години дневно згрижува 1000 лица во нужда, им става на располагање 600 кревети и има училишта за децата на сиромашните. Но сега црквата и самата стравува за својата иднина.

Ungarn Parlament in Budapest
Фотографија: THOMAS COEX/AFP/Getty Images

„Ние прaвиме општествено-корисна работа, која инаку би морала да ја преземе државата. Затоа неможеме да прифатиме тоа што ни е одземен црковниот статус и од 1 јануари 2012  ни се укинати со него поврзаните државни субвенции. Божје чудо е што досега не моравме да затвориме ниту една од нашите институции“, вели Габор Ивањи, пастор во евангелистичко-методистичката црква.

Методистите и нивниот ангажиран пастор сакаат и натаму да се борат за признавање на нивната црква.

Изгубена доверба

Пред неколку недели станицата Клубрадио го доби и четвртиот процес и сега државните медиумски власти конечно им доделија трајна фреквенција. Иднината на Клубрадио и 25-те негови соработници се чини дека е обезбедена. Со шампањ меѓутоа не наздравија.

„Одлуката на медиумските власти се’уште не сме ја виделе. Ние значи не знаеме какви услови ни одредиле. Оттука подобро е да не се радуваме прерано. Меѓутоа ако навистина можеме долгорочно да ја користиме фреквенцијата, проценувам дека ќе ни бидат потребни година до две, за приходите од реклами повторно да ги вратиме на старо ниво“, вели директорот на станицата Арато.

Зебрата во логото на станицата поттекнува од времето, кога тие нудеа и сообраќајни информации. Денес соодветствува повеќе од кога и да е досега. Зебрата, имено, е многу вешта и издржлива, ако сака да им избега на непријателите.