1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка за полуфинале во Лигата на шампионите

дв,афп27 март 2012

Со дуелите Бенфика-Челзи и Апоел- Реал Мадрид, вечерва стартува битката за пласман меѓу четирите најдобри во најсилното европско фудбалско натпреварување

https://p.dw.com/p/14Sky
Фотографија: dapd

Тимот на македонскиот репрезентативец Иван Тричковски, Апоел веќе го постигна најголемиот успех во историјата на кипарскиот фудбал со пласманот меѓу осумте најдобри екипи на стариот континент. Вечерва кипраните му се домаќини на шпанскиот великан Реал Мадрид и ќе се надеваат на ново чудо, откако во претходната рунда го елиминираа францускиот Олимпик Лион.

И додека кипарскиот тренер го има на располагање речиси комплетниот состав, тренерот на гостите, Жозе Мурињо на првиот дуел нема да може да смета на казнетиот Чаби Алонсо и повредените Анхел ди Марија, Ласана Дијара, Хозе Каљехон и Рикардо Карваљо.

Во вториот, далеку поизрамнет, вечерашен дуел, Бенфика во Лисабон го пречекува англискиот Челзи. Англичаните во последните сезони се редовни учесници во финалната фаза на Лигата на Шамионите, но досега не успеаја да го освојат трофејот. В.д. тренерот Роберто Ди Матео за првиот дуел на располагање ќе го има комплетниот состав, откако и Србинот Бранислав Ивановиќ успеа да ја санира повредата.

Бенфика, од друга страна, долго време беше во сенка на големиот домашен ривал Порто во европските натпреварувања, но сезонава има шанса да направи историски исчекор со евентуалниот пласман во полуфиналето. Кај Бенфика вечерва ќе недостасува централниот дефанзивец Гарај, кој е повреден. Португалскиот тим сезонава веќе успеа да елиминира еден британски тим. Во натпреварите по групи, Бенфика беше подобра од актуелниот англиски првак Манчестер Јунајтед.

Во утрешните четвртфинални дуели се среќаваат Олимпик Марсеј-Бајерн Минхен и Милан-Барселона.