1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

290509 Beatles Museum

7 јуни 2009

„Битлсите“ се враќаат онаму каде што се‘ почна-во Хамбург. Во музејот посветен на познатата музичка група се раскажува нивната историја – интерактивно, мултимедијално и проследено со многу оригинални изложби.

https://p.dw.com/p/I4vu
Фотографија: Michael Marek

„Битлманија“, најавува логото на жолтата подморница. Десет метри долгата пластична подморница виси над влезот на музејот, како штотуку Битлсите со неа да пристигнале од морето во квартот на Хамбург – Санкт Паули. Тука, на улицата Реепербан, на речиси чекор од „Битлсплац“, се наоѓа музејот. Во петкатната зграда на обожавателите им е презентирана приказната за легендарната четворка. Токму во хамбуршкиот кварт на црвените фенери, „Битлсите“ го поставиле камен темелникот на нивната кариера, таму, во периодот од 1960 и 1962 се родил легендарниот „битлс саунд“, вели Хорст Фашер, сопственикот на познатиот „Стар клаб“.

„ Кога започнаа да настапуваат во ’Стар клаб’, конечно го добија тоа што им требаше, да гледаат како се организирани настапите на уште поголеми ѕвезди. Во ’Стар клаб’ го добија последниот белег на препознатливост“, објаснува Фашер.

Од разгледниците на Ринго до хулахопки со логото на „Битлси“

Музејот „Битлманија“ ги носи посетителите во времето на „Битлсите“. Ѕидовите се направени во стилот на клубовите во Хамбург каде што настапувале, има секакви видови предмети кои асоцираат на познатата група. Една просторија е дизајнирана како соба на млад фан на „Битлси“, во која може да се најдат различни симболи поврзани со нив. Хамбуршкиот колекционер и еден од основачите на музејот, Уве Блашке, собра многу предмети поврзани со „Битлсите“:

Deutschland Geschichte The Beatles Star-Club in Hamburg
„Стар клубот“ во ХамбургФотографија: picture-alliance/ dpa

„Потписи, ракописи од времето на ’Стар клубот’, потоа еден цел кат имаме посветено на маркетиншките производи тој се вика: „’Битлси’ како производ“. Реконструирав и соба на тинејџер, за да се знае како живееле нивните обожаватели“.

Beatlemania Museum
Фотографија: Michael Marek

Посетителите може да се восхитуваат на првиот договор за снимање на „Битлсите“, потпишан во Хамбург, или да ги читаат разгледниците кои Ринго Стар и‘ ги пратил на баба му во Ливерпул, во кои се фали со успесите во Хамбург. Во музејот има и хулахопки на кои е изгравирано логото на „Битлси“.

Во музејот, посетителите може да почувствуваат како е да се биде зад сцената на еден концерт на познатата четворка или да седат во сала каде што ќе може да слушаат снимки од хистерични врескања на нивните фанови. Во музејот се реконструирани и познатите „Абеј Роуд“ студија во Лондон и преку цел ден може да се вози со жолтата подморница и капетан Фред.

Зошто баш во Хамбург?

„Со текот на времето, овој музеј ќе го развиваме и понатаму, ќе поставиме нови експонати. Ова е само почеток, зашто ни беа потребни речиси две години за градење“, вели Фолкер Купманс, финансиер на музејот. Тој ги вложил потребните 2,5 милиони евра за реконструкција на зградата, за кирија и тековни трошоци. Купманс очекува околу 200 000 посетители годишно, со што Хамбург ќе стане попривлечен за туристите. Постојано стигнуваат прашања од луѓе од цел свет, кои сакаат да знаат повеќе за поврзаноста на „Битлсите“ со Хамбург. Но една дилема останува, музејот не дава одговор на прашањето: зошто Хамбург е градот каде што „Битлсите“ ја започнале својата кариера? Блашке не сака да навлегува воопшто во тоа прашање:

BdT Deutschland Beatles Museum auf der Reeperbahn
Посетител во музејот на „Битлси“Фотографија: AP

„Тоа е јасно само по себе. Кога еден бенд има музеј, тогаш нема што повеќе да дискутираме како и зошто. Мора да слушнете некоја од нивните плочи“, објаснува Блашке.

Дали е доволно ова образложение? Хамбург во секој случај е горд на неговата “Битлманија“. Политиката, културата и туризмот одат рака под рака. И ако музиката не е доволна, секогаш може да ја посетите продавницата за сувенири и да изберете чаша со ликот на Ринго, маички со логото на „Битлси“, подлошки за пиво, па дури и “Битлс“-чадор!


Автор: Михаел Марек / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска