1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: Дискриминација меѓу своите

Александра Славниќ/Марта Таневска1 октомври 2013

Ни дваесет години по бегството и иселувањето и доаѓањето во нова средина, многумина не се чувствуваат прифатено. Процесот на прилагодување е бавен и долготраен. Младите, пак, го немаат товарот на „доселеници“.

https://p.dw.com/p/19rFl
Фотографија: Ljiljana Pirolic

„Нас не нѐ знаеја по име и презиме. Бевме едноставно бегалци, нѐ нарекуваа ’таму тој бегалецот’. Со тек на време работите се променија, луѓето се снајдоа, некои дојдоа и на одредени повисоки позиции. И сеќавањето на војната бледее, така што успеавме да се асимилираме и да станеме дел од ова општество“, објаснува новинарката Радмила Грубиша, присетувајќи се на своето доаѓање во Бања Лука од родната Босанска Крупа за време на војната во Босна и Херцеговина.

Кризата на идентитетот е неминовна. Без оглед на староста или степенот на образование, сите кои избегаа по доаѓањето во новиот крај го имаа тој проблем, додава Радмила.

Трн в око

Иако во помала мера отколку порано, сѐ уште постои одредена нетрпеливост помеѓу локалното население и бегалците, смета социологот Иван Шијаковиќ. Истакнува дека односот кон нив зависи од неколку фактори, првенствено од нивната материјална состојба и општествениот статус.

„На просечните никој не обраќа претерано внимание. Меѓутоа, тие кои дојдоа за време на војната и се збогатија и тоа како му пречат на локално население“.

„Трн в око“ на локалното население им се таканаречените Сојузи на дојденците и социјалните мрежи кои се воспоставуваат: тоа што се поврзани и си помагаат едни на други, на таа релација има доста проблеми, вели Шијаковиќ.

Bosnien und Herzegowina Banjaluka Radmila Grubisa
Радмила ГрубишаФотографија: DW/A. Slavnic

Ни ги земаа работните места

Една педесетгодишна бањалучанка, продавачка во киоск, смета дека нејзините сограѓани и таа се многу оштетени со доаѓањето на бегалците, бидејќи по нејзино мислење тие го „истерале“ локалното население од работните места. Нејзиниот став кон оваа популација е јасен: „До вчера чуваа овци, а денес сите седат во општина и во судови. Ние од Бања Лука останавме без работа. Некој да ми кажеше дека денес ќе работам во киоск, немаше да верувам. Од бегалците не може да се дојде до работа“.

Радмила Грубиша често се среќава со вакви ставови. Во период на голема невработеност, староседелците сметаат дека имаат поголемо право на работно место од бегалците. „Веруваат дека со нашето доаѓање им одземавме нешто што им припаѓа ним“.

Иако таа лично се чувствува прифатено, смета дека скриената нетрпеливост уште некое време ќе постои. Се радува што младите генерации не се оптоварени со овие проблеми.

Дваесет и петгодишниот Љубиша од Бaња Лука меѓу своите врсници не забележал преминување на границите и негативни коментари на сметка на оние кои дошле од страна. „Меѓу моите пријатели има многу такви кои избегале додека биле многу мали. Немаме никакви проблеми со тоа. Не постојат разлики бидејќи тие луѓе се тука пораснати и еднакво се локални како и јас. Нашите родители, различно гледаат на тоа, имаат страв од влијанието во некоја друга средина“.

Менталитетот се промени, урбаните средини во загуба

Сања Влаисављевиќ, директорка на Центарот за културен дијалог од Сараево верува дека БиХ не е исклучок кога станува збор за асимилација и прилагодување едни на други. „Сведоци сме дека и после Втората светска војна требаше да поминат три или четири децении, за тие кои се населија во одредени области да почнат да се чувствуваат како на свое. Тој процес е болен и оптоварен со многу проблеми. Ние сега поминуваме низ тоа, а ќе поминуваме уште долго“.

Bosnien und Herzegowina Banjaluka Ljubisa
Љубиша од Бања Лука меѓу своите врсници не забележал негативни коментариФотографија: DW/A. Slavnic

Сања Влаисављевиќ не одрекува дека бегалците во некои ситуации се изложени на дискриминација. Меѓутоа, истакнува и една друга појава и проблем кој настанал како резултат на мешање на локалното и новодојденото население. Нејзино мислење е дека поголемите градови, поради одливот на локалното население и приливот на доселеници, претрпеа голема штета: „Тие кои доаѓаат од помали средини, не се баш подготвени да се прилагодуваат на големите градови, и несвесно го вртат вниманието врз себе“.

Процесот на прилагодување на луѓето кои дошле не е направен како што треба, а за тоа се одговорни урбаните средини кои не наметнуваат правила на однесување, додава таа.