1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: Политичарите и Филе и овојпат без договор

Драган Максимовиќ/ Жана Ацеска18 февруари 2014

Иако се очекуваше дека нема да има договор ни по овој состанок на босанскохерцеговските лидери со претставниците на ЕУ, постоеше зрак надеж. Но, позициите се исти. Случајот Сејдиќ-Финци чека на подобри денови

https://p.dw.com/p/1BAnC
Фотографија: EU-Delegation Bosnien und Herzegowina

Ни по деветчасовниот состанок во Сараево меѓу седуммината босанскохерцеговски лидери со претставниците на ЕУ, на чело со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, не е постигнат резултат за имплементација на пресудата во случајот Сејдиќ-Финци. Позициите се исти, ништо не се променило, освен фактот што преговорите се одржуваат во момент на најголемата социјална криза и безредија во земјата во последните дваесет години. Ни тоа не помогна во решавањето на „босанското“ прашање, фамозната имплементација на пресудата. Еврокомесарот Штефан Филе го одложи најавеното обраќање до јавноста.

Никому не е јасно што е прифатливо за другите

Босанскохерцеговските лидери беа речити, уверуваа дека не се тие виновни, туку некој друг, тие работеле постојано во интересот на граѓаните на БиХ.

Лидерите на СББ, СДА, СДП и ХДЗ 1990, кои се обратија пред новинарите по состанокот, истакнаа дека проблем претставуваат две изборни подрачја во Федерацијата БиХ. Тоа првенствено се однесува на неможноста за постигнување компромиси околу начинот на избор на членови на Претседателството на БиХ.

Претседателот на СДП, Златко Лагумџија, рече дека понудените 14 точки од ЕУ се добра основа за почеток, но преговарачките позиции не се променети во однос на претходните состаноци.

„Тоа беше некој вид консолидиран предлог кој ни овозможуваше наоѓање решение. За жал, тие 14 точки не беа прифатливи за дел од учесниците во разговорите“. Лагумџија изјави и дека се појавија идеи кои значеа почеток на процесот на цртање карти и враќање на почетните позиции, нешто неприфатливо за него.

За претседателот на СББ Фахрудин Радончиќ, јасно е:

„Ваков расплет сериозно не‘ кочи на патот кон ЕУ, а граѓаните на БиХ тоа не го заслужија. Но, како и секогаш во животот, мислам дека ќе имаме повторно прилика за решавање на ова стратешко прашање , односно пресуда која бара голема толеранција и компромис“.

Спорен е начинот на избор на членови на Претседателството на БиХ од Федерацијата БиХ, каде се зборува за две изборни подрачја во Федерацијата БиХ, односно дека се избира еден кандидат со најголем број гласови во пет кантони, додека другиот се избира од другите пет кантони.

Stefan Fule
Штефан ФилеФотографија: picture-alliance/dpa

Фиксирање на кантоните?

„Бевме близу договор, но бошњачките партии не можеа да ги прифатат хрватските барања“, изјави претседателот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, истакнувајќи дека неприфатливо било фиксирањето на кантоните кај дефинирањето на изборните подрачја во Федерацијата БиХ.

Од друга страна Мартин Рагуж од ХДЗ 1990 тврди дека немало предлог за фиксирање на кантоните како изборни подрачја, нагласувајќи дека на состанокот немало политичка волја за решавање на клучните прашања. Како што тој тврди: „предложеното решение беше еден член на Претседателството да се избира од Република Српска, а два члена директно од Федерацијата БиХ, која е една изборна единица“.

„Првиот член на Претседателството од Федерацијата БиХ би се избирал според најголемиот број гласови кои ќе ги добие, сметано на петте кантони во кои тој добил најголем број гласови. Тие пет кантони не се однапред фиксирани, туку се променлива категорија, зависно каде кандодатот добил најголем број гласови“, појасни Рагуж.

Додик и Босиќ го напуштија состанокот

Во текот на паузата за вечера состанокот го напуштија лидерите на СНСД и СДС, Милорад Додик и Младен Босиќ, тврдејќи дека нема напредок и дека не се оптимисти во поглед на постигнување напредок.

„Во РС е предвидено да остане директен избор на членови на Претседателството на БиХ, дека РС е една изборна единица, дека се бира со мнозинство гласови член на Претседателството на БиХ и дека оние кои излегле во дистриктот Брчко гласаат директно за РС, што за мене е прифатливо. Останува уште усогласувањето на одредени процедури поврзани со изборната единица Федерација БиХ, која се состои од две подрачја и за кои мораме да наведеме каде тоа ќе се лоцира, дали во Изборниот законик или во Уставот“, изјави Додик.

Младен Босиќ не чул ништо ново:

„Би сакал да дојдеме до решение, зашто на граѓаните треба да им испратиме позитивна порака. Суштината на приказната е продлабочување на кризата во БиХ за некој да дојде идејаза ’Дејтин два’ или некоја спогодба ’ЕУ еден’. Се‘ појасно станува дека зад ова се кријат некои политички цели“, смета Босиќ.