1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Би средба помина...

3 декември 2009

Македонија смета дека Грција може да направи уште отстапки во спорот за името, додека Брисел упорно повторува дека без решение за овој проблем, Македонија ќе остане блокирана на евроатлантскиот пат.

https://p.dw.com/p/KpLp
Никола Груевски и Жозе Мануел Барозо во БриселФотографија: MIA

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо вчера (02.12.09), по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел, ја повтори добропознатата европска порака до Македонија дека препораката за почеток на преговори е поттик за решавање на проблемот со Грција. Барозо ја повика македонската влада да се покаже како лидер во очите на европските лидери и на европската јавност.

„Кога дадовме препорака во октомври, исто така јасно рековме дека ова треба да се сфати како натамошен поттик за решавање на спорот околу името еднаш засекогаш. Сега имате шанса да им покажете на водачите на Европа дека имате политичка волја и начин за решавање на ова прашање и чувство за решавање на истото“, рече Барозо, додавајќи:

Belgien EU Jose Manuel Barroso stellt neue Kommission vor
Барозо бара Македонија да покаже политичка волјаФотографија: AP

„Убеден сум дека сега има вистинска можност доколку има неопходна политичка желба и од двете страни за да се разреши прашањето и да се изнајде заемно прифатливо решение. Членството во ЕУ е најважната цел во надворешната политика за вашата земја, заедно со членството во НАТО. Го охрабрувам премиерот Груевски да го задржи темпото на исполнување на бенчмарковите.“

Од македонска страна - тонот многу поскептичен

Според премиерот Груевски, Грција може да направи отстапки, и треба да најде начин да не ја блокира Македонија пред почетокот на преговорите со ЕУ, туку да остави време за двата процеса одвоено – спорот за името и преговорите со ЕУ.

„Според правилата во ЕУ, грчката влада може да ја искористи можноста да не‘ блокира во кое било време. Имаат можност тоа да го сторат најмалку 70 пати за време на отворањето и затворањето на сите поглавја, како и на крајот, кога треба да се изврши предавањето на конечното решение за полноправно членство на нашата земја пред Парламентот. Има многу време за дискусии. Подготвени сме за интензивни преговори, но блокирањето навистина нема да помогне. Тоа блокирање во НАТО покажа дека истото поставува поцврста и поголема оддалеченост помеѓу двете земји наместо да не‘ зближи и да бидеме поотворени и попосветени во наоѓање решение.“

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski
Груевски смета дека Грција може да направи отстапкиФотографија: Petr Stojanovski

Се чини дека во канцеларијата на Барозо синоќа се водеше дјалог на глуви. Она што Брисел го бара сега и тука, Скопје не се брза да го исполни. Со оглед на последните изјави од грчка страна дека ни Атина не инсистира на брзо решавање на прашањето за името, не е тешко да се претпостави дека претстојниот седми декември нема да донесе датум за почеток на претпристапните преговори за Македонија. Останува да се види дали ЕУ членките воопшто ќе се осврнат на Македонија во финалните заклучоци.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска