1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Благодариме Лондон!

Штефан Нестлер Превод: Симе Недевски13 август 2012

Олимписките игри во Лондон поставија нови стандарди. Летната олимпијада беше перфектна, коментира уредникот на спортската редакција на ДВ, Штефан Нестлер.

https://p.dw.com/p/15oci
Фотографија: picture-alliance / ASA

Лондон понуди волшебни игри. Домаќините на Олимпијадата покажаа храброст и организираа натпреварувања дури и во самото срце на главниот град на Велика Британија, пред кулиси од соништата: целта на маратонските и на велосипедските трки беше пред самите порти на Бакингемската палата, натпреварите во одбојка на плажа беа оддржани во Хорс Гард Парејд, а натпреварите во пливање на отворено во самиот Хајд парк.

А, потоа таа атмосфера - извонредно, без оглед дали станува збор за Олимпискиот стадион, лондонските улици, езерото Дорни или некои други места. Насекаде полни трибини, гледачите ги славеа сите спортисти, како победниците, така и губитниците. И тоа е фер плеј.

Успешните Британци

Нормално извиците на радост беа посебно гласни кога британските спортисти освојуваа некој медал, а тоа се случуваше почесто отколку што многумина очекуваа пред Олимпијадата. Концептот на домаќинот очигледно успеа. Во изминатите години Британците инвестираа многу пари за да им овозможат оптимални подготовки за Олимпијадата на своите спортисти. Сега Велика Британија на спортски план се наоѓа на самиот врв: зад САД и Кина. Таа овојпат ја надмина Русија. Ќе биде занимливо да се проследи дали британскиот успех ќе биде на долги патеки.

Deutsche Welle Sport Stefan Nestler
Фотографија: DW

Почит за остварувањата

Германските спортисти освоија помалку златни, но затоа повеќе медали од пред четири години во Пекинг. Тоа на ум треба да го има секој кој на сето тоа гледа само низ национална призма, ги пребројува медалите и потоа се жали поради лошиот настап на германските спортисти. Се разбира има повод за дискусија, на пример за тоа зошто на пливачите им одеше толку лошо и зошто го остварија најлошиот биланс во медали од 1932 година наваму? На германскиот пливачки спорт очигледно итно му се неопходни реформи. Меѓутоа, од друга страна многу германски спортисти покажаа големи остварувања. Многу од нив соборија лични рекорди, кои за волја на вистината не беа секогаш доволни за освојување на некоја од медалите, но во секој случај заслужуваат почит. Респект заслужуваат и спортистите од други земји, кои едноставно во решавачкиот момент беа подобри.

Болт, Фелпс и Хартинг

Некои германски олимпијци навистина понудија спектакуларни настапи. Меѓу нив се вбројуваат олимпискиот победник во фрлање диск, Роберт Хартинг, златниот осмерец во веслање, како и сензационалните победници во одбојка на плажа - двоецот Јулиус Бринк и Јонас Рекерман. Незаборавен ќе остане и настапот на спринтерската ѕвезда Јусеин Болт. Јамајканецот со својот настап стана легенда, токму како и американскиот пливач Мајкл Фелпс. Тој во Лондон постави нов рекорд според бројот на освоени медали, кои идните генерации тешко ќе можат да го соборат. Бројот на случаи на допингување, барем на оние откриените, остана во границите. Така барем можевме да се концентрираме исклучиво на спортот. А, тој на овие волшебни игри беше навистина извонреден. Ти благодариме Лондон.