1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бласфемија и реакции во БиХ: „Насилството не е решение“

Самир Хусеиновиќ / Александра Трајковска21 септември 2012

Филмот „Муслиманска невиност“ и карикатурите на пророкот Мухамед ги повредија религиозните чувства на муслиманите и во БиХ, но нивните реакции се поинакви од оние во арапскиот свет.

https://p.dw.com/p/16C0w
Фотографија: picture alliance/Robert Harding World Imagery

По објавувањето на спорниот филм и карикатурите на пророкот Мухамед, се протестираше и во БиХ, но таа вест остана во сенка на медиумските извештаи за насилството во арапскиот свет. Професорот од факултетот за исламски науки во Сараево Ахмед Алибашиќ за Дојче веле истакнува дека „босанските муслимани ја споделуваат чувствителноста со ликот и делото на пророкот Мухамед со другите муслимани во светот, но научиле да не потпаѓаат на замките на провокаторите“.

„Едно е муслиманското сфаќање на бласфемијата - навреда на гордоста и честа на пророкот Мухамед, а сосема друго реагирање на целосно непримерен начин, уништување на имот и убивање на невини луѓе. Се покажа дека и во оваа ситуација е важна улогата на Исламската заедница. Ријасетот на Исламската заедница на БиХ ги осуди провокациите, но ги упати верниците на вистински начин да го изразат незадоволството, на што можеме да бидеме горди“, вели Алибашиќ.

На филмот „Муслиманска невиност“ и реакциите во арапскиот свет се осврнува и хафизот Исмет ефенди Спахиќ по молитвата во Гази Хусербеговата џамија во Сараево. „Еден американски режисер направи филм во кој најпогрдно зборува за Мухамед и исламот. Наместо да имаат достоинство и тоа да го поднесат, муслиманите прават уште поголема конфузија, убиство, трагедија. На тој начин не може да се делува“, вели ефенди Спахиќ.

Потсетувајќи дека амбасадорот и уште тројца вработени во Американската амбасада во Либија беа убиени, босанскиот режисер Харис Пашовиќ за ДВ вели: „Ниту еден филм или литературно дело не е вредно колку човечки живот, така што тие убиства и напади врз американската амбасада и други амбасади во арапскиот свет со ништо не можат да се оправдаат“. „Се работи за политичка манипулација и ескалација на насилството што е некоја вид контрареволуција во однос на арапската пролет“, истакнува Пашовиќ.

Bosnien und Herzegowina Sarajevo Haris Pasovic
Харис ПашовиќФотографија: DW

Граѓаните се против навредување на верска основа

„Од друга страна, овој проблем го задскрива она што во овој момент е најголем проблем за арапскиот свет, а тоа е теророт кој режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад го спроведува над сопствените граѓани. Што се однесува до самиот филм и сите други обиди на екстремистите на Западот да испровоцираат вакви реакции, тие се подеднакво одвратни како и насилството на екстремистите во арапскиот свет“, истакнува босанскиот режисер.

Proteste Anti Islam Video Film Mohammed Karthum Sudan
Протести во Судан против спорниот филмФотографија: Reuters

Граѓаните на Сараево ги осудуваат провокациите на верска основа, но и непримерните реакции. „Навредите на верска основа се неприфатливи во цивилизирано општество, без оглед на тоа што сите имаме право да снимаме, пишуваме или објавуваме она што сакаме, но и насилството не треба да се оправдува како реакција. Постојат други методи да се реагира на сето она што ги повредува верските чувства“, вели еден анкетиран граѓанин на Сараево. „Јас сум против секакво навредување, но и против палење на знамиња и убивање на недолжни луѓе“, вели негова сограѓанка. Основната порака на сите анкетирани граѓани е јасна - „Насилството не е решение“.