1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блер победи, но избран е Браун

6 мај 2005

Коментар на Греем Лукас

https://p.dw.com/p/AcFj

Тони Блер денеска изутрина се обиде да биде скромен. Човекот што зрачеше, одеднаш во централата на неговата партија го откри чувството „ние„ и пред соработниците зборуваше за историска победа на „другарите„. Новиот лик на уметникот за промени во британската политика е пресметан: Блер знае дека избирачите го казнија поради неговата ирачка политика. Па, сепак го избраа „Тони – тефлон„. Веродостојноста му е тешко потресена, зашто неговото мнозинство од преку 160 места, падна под 70. Тоа што ќе може да владее уште еднаш треба да му заблагодари на долгогодишниот ривал, министерот за финансии Гордон Браун. Кога тој во целост застана зад Блер во изборната кампања, анкетите во полза на лабуристите нагло се подобрија. Пледоајето на Браун за продолжување на неговата успешна економска и финансиска политика беше убедливо.

Се има своја цена. Браун сега ќе се обиде да има поголемо влијание врз историскиот трет мандат на лабуристите. Тој ќе го притиска Блер да постави датум за неговото повлекување од политиката. Зашто, иако рече дека ова ќе биде неговиот последен мандат, Блер планира уште многу. Пред се ќе сака да ја коригира оштетената слава. Тој сака како политичар да влезе во учебниците по историја, од Велика Британија да направи бескласно општество во кое шансите за сите ќе бидат еднакви, а за оние на кои им е потребна помош да воспостави социјална мрежа. За тоа му се потребни најмалку 4 години. Но, ќе треба да се причека дали Браун, кој го поддржа Блер, секако не без сопствена корист, е подготвен да му го даде тоа време. Зашто веќе е воспоставена алијанса меѓу Браун и партиската левица која сака да спроведе сопствени акценти, па ќе биде направено се Блер да биде принуден на повлекување. Пред се во ќорсокак уште повеќе би можела да се најде европската политика. Во идната година на референдум ќе се решава за европскиот устав на кој Блер мора да смета на отпорот на Браун. Воведувањето на еврото Браун веќе го блокираше. Оттаму, патот на Блер напред наликува на трка со пречки.

За конзервативците исходот од изборите е делумен успех. Тие го зголемија бројот на своите мандати и го запреа опаѓањето на партијата. Меѓутоа, партиската програма не беше убедлива и во неа не беше пренесена некоја визија за британското општество. Место тоа Хауард се насочи кон лични напади врз Блер и нејасни барања за политиката за доселување. Тој го мобилизираше својот табор, но ги исплаши променливите избирачи. Веќе во наредниот месец може да се очекува дебата во партијата за негово сменување.

Либералдемократите постигнаа најдобар резулат од 1923 година со политика која беше лево од лабуристите. Шефот на партијата Чарлс Кенеди профитираше од неговото консеквентно одбивање на ирачката војна. Затоа треба да се очекува непроменета острина на таа контроверза, без оглед дали Тони Блер ќе биде скромен или не.

Греем Лукас