1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блескавата кариера на „Супер Марио“

19 мај 2011

Еврогрупата го номинираше Марио Драги, шефот на Централната банка на Италија, за наследник на Жан-Клод Трише на функцијата претседател на Европската централна банка, изјави шефот на Еврогрупата, Жан-Клод Јункер.

https://p.dw.com/p/11IrR
Марио Драги ја има поддршката од Германија, Франција, Луксембург и други земјиФотографија: dapd

Шефот на Централната банка на Италија Марио Драги, познат под прекарот „Супер Марио“, важи за амбициозен и зад себе има импресивна кариера. За неговата кандидатура за иден шеф на Европската централна банка најпрво доби поддршка од францускиот претседател Никола Саркози:

„Франција со задоволство ќе го даде својот глас за еден Италијанец за функцијата претседател на Европската централна банка, на Марио Драги, кој добро го познавам. Ние не го поддржуваме само поради тоа што е Италијанец, туку затоа што има квалитети, но и поради тоа што е Италијанец.“

Добар аналитичар и дисциплиниран работник

Frankreich G8 Nicolas Sarkozy Drogenhandel Kokain
Францускиот претседател Никола СаркозиФотографија: AP

Но, медиумите постојано пишуваат дека Драги всушност не е типичен Италијанец. 63-годишниот Драги важи за добар аналитичар, за работник со речиси пруска дисциплина, и во меѓународниот финансиски свет за апсолутна елита, за експерт ценет како од банките, така и од владите.

Уште како ученик Драги бил најдобар во одделението, а тогаш врз него влијаеле Езуитите.

„Клучни беа извонредните стандарди заедно со моралната порака, која го одредуваше целиот ден поминат во училиштето. Пораката е се‘ што правиме да биде што е можно подобро, дека искреноста е многу важна, и пред се‘, дека секој од нас е посебен на некој начин“, изјави Драги.

По езуитското училиште, Драги студира економија во Рим, докторира на видниот Технолошки институт во Масачусетс (МИТ) во САД, во 1981 година станува професор во Фиренца, а во 1984 година извршен директор на Светска банка. Но, неговите пет минути дојдоа во 1992 година, во периодот на кризата на италијанската лира. Како државен секретар во италијанското Министерство за финансии и економија тој започна гигантска програма за приватизација, која донесе околу 60 милијарди евра во исцрпените државни каси.

Драги „нема влакна на јазикот“ ни за Италија

Europäische Zentralbank
Европската централна банка во ФранкфуртФотографија: dpa

Во 2002 година следеше чекорот во приватното стопанство. Како вицепретседател на американската инвестициона банка Голдман Сакс во Лондон Драги беше надлежен за зделките со САД. Токму од тој период е црната дамка на неговиот, инаку, бел елек. Имено, Голдман Сакс тогаш имаше зделки и со Грција, кои наводно требаше да помогнат да се прикрие уште тогаш катастрофалната финансиска состојба во земјата, пред влезот во еврозоната. Драги повеќе пати нагласи дека не бил вклучен во тие зделки.

На италијанската финансиска сцена стравуваат поради строгиот курс на римјанинот. И покрај обвинувањата од европските критичари дека тој потекнува од една од најзадолжените земји во Европа, Драги „нема влакна на јазикот“ кога станува збор за состојбата во неговата земја, на пример за непродуктивниот југ на земјата.

Таквите изјави сигурно се добредојдени кај одредени европски влади, кои стравуваат дека Европската централна банка може да биде премногу јужноевропски ориентирана.

Автор: Јан-Кристоф Кицлер / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска