1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блиски Исток: „Непосредна провокација“

ЖА/дв/дпа/ртре1 декември 2012

Како реакција на признавањето на Палестина од страна на ОН, Израел одобри изградба на 3 илјади станови во еврејските доселенички населби. Палестинците се чувствуваат испровоцирани.

https://p.dw.com/p/16u3m
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најавата на Израел за проширување на изградбата на населби во Источен Ерусалим и на Западниот Брег, според Палестинците, е „непосредна провокација“. „Ние и натаму ќе пружаме рака на помирување“, изјави палестинскиот претставник во ОН, Ријад Мансур. Но, тој истакна дека провокациите ќе имаат последици, без да наведува детали.

Согласноста на израелската влада за изградба на 3 илјади станови стигна само неколку часа откако Генералното собрание на ОН ја изгласа одлуката за прием на Палестина како земја набљудувач. Израелската влада на чело со премиерот Бенјамин Нетанјаху на овој начин упатува предизвик кон меѓународната заедница. Зашто, политиката на населување на окупираните области претставува една од најголемите пречки за постигнувањето решение за постоење на две држави , Израел и Палестина, во Блискоисточниот конфликт.

Плановите предвидуваат и одобрение за градба за областа меѓу најголемите доселенички градови Маале Адумим со неговите речиси 40 илјади израелски жители и Источен Ерусалим . Со еврејските населби таму, според критичарите, можат да бидат закопани надежите за ефикасно постоење на палестинска држава, зашто тие ќе го одделат северниот од јужниот дел на палестинската територија.

Критика кон политиката на израелските населби стигна и од САД. Американското министерство за надворешни работи, како што се вели, и покрај отпорот кон признавањето на палестинска држава во ОН, останува и против израелската политика на населби. Портпаролот на министерката Хилари Клинтон, Викторија Нуланд, изјави дека акцијата на израелската влада е контрапродуктивна и ги отежнува директните преговори околу постигнувањето на решение со две држави. Овие преговори пак, се единствен пат кон траен и долгорочен мир на Блискиот Исток.

Во четвртокот 138 држави членки од вкупно 193 на ОН ја прифатија Палестина како земја-набљудувач.