1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блиски односи меѓу Кина и Русија

21 март 2006

Рускиот претседател Владимир Путин денеска и утре се наоѓа во посета на Народна Република Кина.

https://p.dw.com/p/Ae30
Кинескиот и рускиот Претседател на една од претходните средби
Кинескиот и рускиот Претседател на една од претходните средбиФотографија: AP

Путин не мора да се плаши од непријатни прашања и критички забелешки од страна на домаќините. Напротив: официјален Пекинг дури се радува што и Русија на полето на демократијата и слободата на печатот има исто лоша репутација. Обете земји имено неодамна добија лоши оценки во американскиот извештај за состојбата на човековите права во светот. Критиката од Вашингтон меѓутоа не е единственото што ги приближува двете големи земји.

Кинескиот „змеј„ и руската „мечка„ – симболите на двете земји – се чини дека одлично се разбираат. Изгледа дека одамна се заборавени 40-те години ривалство. Од крајот на „студената војна„ односите меѓу Москва и Пекинг се значително подобрени. За време на денешната посета на Владимир Путин дури ќе биде официјално означен почетокот на „руската година„ во Кина. Александар Рар, експерт за руските прилики при германското Друштво за надворешна политика, вака ги оценува односите:

„Руско-кинеските односи се толку добри, какви што никогаш не биле во поновата историја. Русија и Кина се речиси во безбедносно политички и економски сојуз преку Шангајската организација за соработка. Тие дури заеднички спроведуваат воени маневри и на меѓународно политичката бина имаат поблиски ставови, отколку Русија со Западот - на пример околу иранската атомска програма. Значи нивниот однос повеќе не се оценува како приближување, туку како сојуз во процес на развој.„

Подлога за таквиот сојуз од една страна е заедничкото тежнение кон мултиполарен светски поредок, а од друга прагматичните економски интереси. Преку многу забрзаниот стопански развој на Кина, таа стана трет по големина увозник на нафта во светот. Најголемиот дел од брзо растечките потреби по црното злато, Кина ги подмирува со руска нафта. Годинава треба да потечат цели 15 милиони тони, така што сериозно се размислува за градење нафтовод од Сибир кон Кина. И тоа е една од топ темите на разговорите на Путин со кинеското раководство во Пекинг.

„На економски план овие две огромни земји во секој случај ќе се приближуваат и понатаму, во тоа сум сигурен. Веќе и затоа што ЕУ не сака да ги отвори нејзините стопански граници кон Русија, а и Кина е на некој начин изолирана во Азија од политички причини. Русија и Кина пак не си поставуваат политички услови за стопанската соработка и затоа можат взаемно да се надополнуваат„ – нагласува експертот Александар Рар.

Покрај тоа Кина купува и модерно оружје од Русија. Загриженоста на дел од руските политичари дека Кина би можела на тој начин полека да ја надокнади разликата на воен план во однос на Русија, за сега не наидува на отворени уши во Кремљ, веројатно поради големите комерцијални интереси и на ова поле.

Она што може да предизвика проблеми и недоразбирања меѓу Пекинг и Москва, тоа е илегалната имиграција на Кинези во најисточните републики на Руската Федерација. Таму расте и незадоволството на локалното население, што беше зголемено и со неодамнешната еколошка катастрофа на реката Сонгхуа, која зафати и делови од руското соседство. Меѓу другото и поради ваквите проблеми, експертот Александар Рар смета дека добрите односи меѓу Русија и Кина ќе останат такви само додека Русија има темелни проблеми со Европа:

„Верувам дека Русија е европска земја и дека руската елита е ориентирана кон Европа. Денес има проблеми што се состојат во тоа што Европа инсистира на заеднички вредности со Русија, додека официјална Моксва е повеќе заинтересирана за прагматични интереси со Западот. Затоа и се врти кон Кина, бидејќи односите со Западот се напнати. Но, не верувам дека Москва и Пекинг толку ќе се приближат, што ќе претставуваат еден вид против тег на Америка и Западот во светската политика.„