1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Блокјупај“ протестира пред ЕЦБ

ЕМФ/дпа/дв31 мај 2013

Движењето „Блокјупај“ е повторно на сцена - антикапиталистичкиот сојуз денеска одржа протести пред седиштето на ЕЦБ во Франкфурт, со намера да ја блокира работата на банката. Дали целта е остварена е спорно.

https://p.dw.com/p/18hmS
Фотографија: Reuters

Сојузот „Блокјупај“ протестираше три часа пред Европската централна банка (ЕЦБ) против политиката на ЕУ за надминување на кризата. На огромен дожд голем број критичари на капитализмот уште од раните утрински часови се собраа во Франкфурт. Додека организаторите зборуваат за околу три илјади учесници на протестите, полицијата изброи нешто повеќе од илјада демонстранти. Демонстрантите тврдат дека успеале да ја блокираат работата на банката на одредено време, додека полицијата зборува само за блокада на неколку приоди до банката.

Blockupy Proteste in Frankfurt
Фотографија: Getty Images

Освен протестите пред ЕЦБ, околу 300 луѓе демонстрираа и пред Дојче банк во Франкфурт, во знак на протест против шпекулациите со прехранбени продукти. Протестите продолжуваат во центарот на Франкфурт и на аеродромот во градот. Утре, на централните демонстрации, организаторите очекуваат околу 20.000 луѓе. Европската централна банка на 1 јуни ја одбележува 15-годишнината од основањето.

На протести, меѓу другите, повикаа левичарски и синдикални движења, Партијата на левицата, како и активисти на движењето „Окјупај“ кои есента 2011 година поставија шатори пред седиштето на ЕЦБ.