1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блуз и соул фестивалот во Скопје -пред нов предизвик!

6 јули 2011

15-тото издание на Блуз и соул фестивал со енергијата што ја донесе пред публиката покажа дека има зрелост и кредибилитет за да оди чекор напред. Наредната година ќе се одржи независно од Скопско лето.

https://p.dw.com/p/11pv6
Фотографија: by-nd alter1fo

Во годинeшниот Блуз и Соул фестивал енергично и сигурно нè воведе еден од најдобрите блуз состави во Србија -Texas Flood, за потоа отворената сцена да ја исполнат експресивниот и богат вокал но и атрактивниот настап на мултиталентираната и ѕвездата на фестивалот Шакура С’ Аида од Канада со својот исто толку атрактивен бенд вклучувајќи го импресивното музицирање на младата гитаристка Дона Грантис. Белег на 15-тиот Блуз и соул фестивал ќе остават и 5XL, еден од најдобрите состави на бугарската блуз сцена, но и извонредните Грегор Хилден Бенд од Германија како репрезент на тамошната извонредна блуз сцена . Во меморијата на овие скопски блуз вечери ќе остане специјалната гостинка, американската вокалистка Хариет Луис од САД со својата беспрекорна и емотивна интерпретација по која не ретко ја споредуваат со легендарната Роберта Флек.

Двете концертни вечери на 4 и на 5 јули на Блуз и соул фестивалот очигледно ги задоволија и пробирливите, добри познавачи на душата на блуз музиката, но и младата љубопитна публика која допрва ги открива енергијата и емоциите што ги донесуваат блуз креаторите. Публиката овој месец може да направи избор од содржините на Скопско лето.

Skopje Hauptstadt Mazedoniens
СкопјеФотографија: DW

„Не погледнав многу од Скопско лето но еве сега сум на Блуз фестивалот, ми се допаѓа атмосферата и гледам дека има добра посетеност“-изјави една од присутните на концертот.

„Бев на концертот на групата Air Strings минатата недела во Куршумли Ан. Мислам дека програмата на Скопско лето е добра“- ни изјави еден од посетителите.

Квалитетот е најсилната страна на фестивалот

Програмскиот селектор на Блуз и соул фестивалот Васја Ивановски вели дека и оваа година квалитетот е најсилниот атрибут на овој музички настан но и дека тој е веќе доволно зрел и има кредибилитет пред својата публика за следното издание в година да биде побогато и со нов лик.

„ Време е Блуз и соул фестивалот да се оддели од манифестацијата Скопско лето и да заживее свој живот. Најдовме решение од следната година да се одржува кон крајот на септември во Универзалната сала и би траел 4-5 дена што му дава и поголема тежина. Тоа значи дека во тие денови ќе донесеме квалитетни имиња од првата лига на светската блуз и соул сцена“- вели Ивановски.

Скопско лето како промотор на новите вредности

Манифестацијата Скопско лето пред 32 години започна со промовирањето на нови содржини, културни и уметнички вредности- потсетува директорот на Скопско лето , Мирко Стефановски.

„Тоа беше времето на Домот на млади „25 Мај“ кога организиравме ликовни хепенинзи, перформанси, се појавија тогаш млади рокери, џезери, блуз музичари... Имаше потреба од нови содржини. Под тие нови вредности ги подразбиравме и Блуз фестивалот, Кафе-кино и бројните други програми со кои Скопско лето експериментираше во текот на следните години“.

Mardi Gras.bb Band
Фотографија: by-nd alter1fo

Македонскиот блуз може да звучи и „светски“

Македонската блуз сцена денес не е доволно силна ниту пак има доволно нов и квалитетен звук , објаснува директорот на Скопско лето Мирко Стефановски, додека пак, според Васја Ивановски, програмски селектор на Блуз и соул фестивалот и долгогодишен истражувач и познавач на светската и домашната блуз сцена, креативниот потенцијал е поголем отколку што тоа може да се види.

„Треба да постојат места каде младите музичари кои сакаат да свират блуз континуирано ќе настапуваат. Во крајна линија, сето она што го слушаме и сето она што го донесуваат големите ѕвезди кои доаѓаат во Скопје, во основа на нивните музички определби е токму блузот. Имаме извонредни музичари. Би го спомнал младиот Игор Станоевски кој пред некоја вечер имавте можност да се уверите дека можете да го ставите на иста сцена со врвните светски имиња и да звучи исто така- светски“- вели Ивановски.

Промовиран најпрвин како своевиден експеримент во рамките на Скопско лето, Блуз и соул фестивалот од почетокот се обидуваше да го дефинира своето место во македонската културна и уметничка понуда. Од следната година со нов формат и да се надеваме, во подновено руво. Но и со своја издавачка дејност која ќе го запамети сето она што го забележала блуз сцената во Македонија во изминатите години. Дотогаш публиката ќе се сеќава на искрените емоции, фуриозните ритмови и на танцувањето под вечерното небо над Скопје.

Подготви: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Симе Недевски