1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БМВ очекува добра „жетва“ во 2012

Клаус Улрих / Зоран Јордановски20 март 2012

Германската автомобилска индустрија бележи рекорди. БМВ сега уште посилно притиска врз педалот - планира побрз пораст, отколку порастот на пазарот на автомобили.

https://p.dw.com/p/14MzN
Фотографија: BMW AG

Изминатата деловна година за БМВ, како и за другите германски производители на автомобили, беше рекордна. Но, за разлика од скептичните конкуренти, БМВ сака да го продолжи тој тренд непрекинато и годинава. „Во оваа година на предизвици ние сакаме повторно да бидеме успешни“, изјави шефот на концернот Норберт Рајтхофер деновиве, при претставувањето на билансот на претпријатието.

Прогнозите нагоре, наспроти кризата на еврозоната

Рајтхофер смета дека 2012 ќе биде добра година, и покрај сите грижи во однос на конјунктурата и на должничката криза. Веќе во 2016, на стогодишнината од постоењето на претпријатието и 4 години порано од планираното, концернот сака да продаде преку два милиона автомобили од марките БМВ, Мини и Ролс-Ројс.

BMW Bilanzpressekonferenz
Норберт Рајтхофер при претставувањето на билансот на претпријатиетоФотографија: dapd

„Голема е веројатноста БМВ да продолжи на курсот на успеси“, смета Јирген Пипер, експерт за областа на автомобилизмот во банката Мецлер. Во разговор за ДВ, тој укажува на новите серии модели во програмата на БМВ - штотуку излезе новиот модел од „тројката“, за БМВ најважната серија.

Производителот на луксузни возила од Минхен во 2011 година постигна рекорди во пласманот, приходот и добивката. Водечкиот во сегментот на „премиум“-производители лани заработи речиси пет милијарди евра, дури 51,3 проценти повеќе отколку во 2010 година! Приходот се искачи на речиси 69 милијарди. За БМВ ширум светот лани работеа повеќе од 100 илјади луѓе, од кои околу 70 илјади во Германија.

Надежи во прекуокеанските земји

Плановите на БМВ се базираат врз надежи за добар пласман на прекуокеанските пазари. Во Кина и САД, но и во региони што доживуваат бум, како Русија, Индија или Јужна Кореја, БМВ очекува силен пораст. Загриженост владее за пласманот во Европа. Во јужните делови на континентов должничката криза и послабата конјунктура по програмите за штедење оставија траги. Но, бизнисот во другите делови од светот треба треба не само да го израмни, туку и да го надмине минусот од Европа. Три најголеми поединечни пазари за БМВ лани беа САД, Германија и Кина.

Според бројката на продадени автомобили лани, БМВ е пред конкурентите Ауди и Мерцедес. Мерено според профитабилноста, меѓутоа, Ауди (марка на концернот Фолксваген) е за малку пред БМВ.

BMW logo
Фотографија: AP

Ауди со подобри шанси?

„Ауди може да користи синергии од припадноста на концернот Фолксваген“, вели аналитичарот Пипер. Тој поради тоа верува дека на долг рок Ауди ќе го преземе целокупното водство на пазарот во категоријата на „премиум“-производители.

Ако се исклучат Форд и Опел, кои им припаѓаат на американски концерни, германските производители на автомобили севкупно се успешни како никогаш досега. Една од причините за тоа е големата побарувачка за германски премиум-продукти ширум светот, вели аналитичарот Пипер и укажува дека „во Кина, на пример, побарувачката е поголема, отколку дома во Германија“. Тој смета дека БМВ, Ауди и Мерцедес, заедно и со производителот на спортски автомобили Порше, кој исто така постигна рекордни резултати од работењето, речиси и немаат конкуренција во категоријата на луксузни автомобили.