1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Боби Фишер е мртов

Елизабета Милошевска Фиданоска18 јануари 2008

На 64 годишна возраст во Исланд почина поранешниот шаховски светски првак, Боби Фишер. Исландското национално радио јави дека Фишер починал како последица на болест, но повеќе детали не се соопштени.

https://p.dw.com/p/CuGx
Боби Фишер во Њујорк во 1962 годинаФотографија: AP

Фишер стана светски првак во 1972 година по победата врз Русинот, Борис Спаски. Дуелот кој се одвиваше среде студената војна меѓу САД и СССР се гледаше како симбол на судир меѓу двете тогашни светски сили. Хорст Мецинг, раководител на Германскиот шаховски сојуз, се потсетува: “Тој беше дотолку историски, што првпат по втората светска војна светски првак стана еден шахист кој не доаѓааше од СССР. Фишер ја оствари целта што си ја постави – имено да ја скрши доминацијата на советските играчи.“

По освојувањето на титулата, Фишер со години не играше на големите турнири. Три години подоцна титулата му беше одземена, поради тоа што Меѓународниот шаховски сојуз не сакаше да ги прифати неговите услови за одбрана на титулата. Сепак, читателите на спсианието „Европа-рокада“ во 1992 година го избраа за најдобар играч на сите времиња.

Настрана од шаховската табла, Фишер создаваше наслови во весниците пред се‘ со неговиот ексцентричен животен стил. Имаше информации дека Фишер извадил повеќе пломби до забите, зашто сметал дека советската тајна служба во амалгамот ставила чипови преку кои врши влијание врз него.

Во 2004 година САД побараа испорака на Фишер од Јапонија. Во татковината му се закануваше затвор во траење од 10 години поради тоа што го прекрши ембаргото кон Србија, со прифаќањето да одигра реванш меч против Спаски на Свети Стефан. На крајот на 2004 година азил му беше одобрен во Исланд. Боби Фишер од 2005 година имаше исландско државјанство.