1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богата држава – сиромашни градови

Мартин Кох / Александар Методијев25 април 2013

Германија минатата година, како единствена земја од Европската унија, имаше буџетски суфицит. И покрај тоа, многу германски градови се жалат поради празните општински каси. Причини за тоа има многу.

https://p.dw.com/p/18Mnp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Додека метрополите како Хамбург, Минхен и Франкфурт се економски се’ појаки и со тоа и поатрактивни, бројни градови, на пример во Рурската област или на некое друго место, страдаат поради недостаток на пари. Таков пример се градовите Оберхаузен, Дуизбург и Гелзенкирхен. Градинките се затвораат, училиштата се се’ попразни, а културните установи се укинуваат.

Иако ситуацијата во некои области и се подобри, благодарение на стабилниот економски развој во минатите години, сепак германските градови се’ повеќе стануваат „второкласно општество“, вели Улрих Мали, градоначалникот на Нирнберг.

„И покрај добрите економски податоци, јазот меѓу сиромашните и богатите градови е се’ поголем“, нагласува градоначалникот Мали.

Еден проблем – многу причини

Штефан Шнајдер од Германскиот институт за урбанистика во Берлин вели дека нема причина за страв „од грчко сценарио“, односно од целосен банкрот на градовите.

Stefan Schneider
Штефан Шнајдер, Германски институт за урбанистикаФотографија: David Ausserhofer

„Такво нешто кај нас не е можно. Кога еден град веќе не може да ги извршува своите обврски, тука мора да настапи државата“, објаснува Шнајдер.

Врз основа на тоа многу градови прифатија пари кои, со оглед на нивната економска сила, никогаш не смееја да ги земат. И сега некои се жалат дека сами никогаш нема да можат да ги отплатат кредитите кои се поголеми и од милијарда евра.

Градоначалникот Улрих Мали ја отфрла забелешката дека општините премалку придонесуваат за намалување на долговите. Градовите на ниво на управната власт, во споредба со целата земја и покраините, во последните 20 години најмногу заштедија. Освен тоа, ним им е потребен стабилен извор на приходи, како и поголема поддршка од државата.

„Потребно ни е растоварување од огромните, растечки социјални трошоци. На пример, помошта за интеграција на инвалидите ја плаќаат општините, но тоа е задача на државата. Потребна ни е поддршка од сојузот и од покраините за големи инвестиции, како што е сега да речеме обезбедувањето на законско право на место во градинките. Големите проекти бараат и заедничко финансирање“, нагласува градоначалникот на Нирнберг, Улрих Мали.

Ulrich Maly SPD Oberbürgermeister Nürnberg
Улрих Мали, градоначалник на НирнбергФотографија: picture-alliance/dpa

Долгорочно планирање

Советниците како Штефан Шнајдер се обидуваат да ги убедат општините за тоа дека е потребно долгорочно планирање на финансиските и структурни проекти. Така подобро можат да се земат предвид и демократските промени, вели Шнајдер.

„Денес знаеме дека во некои градови училиштата ќе бидат неопходни само уште во наредните десет до петнаесет години. Мораме уште отсега да размислуваме како да ги употребиме тие објекти по тој период. Тоа значи дека треба да размислуваме и надвор од изборните периоди“, вели Шнајдер.

На локално ниво предусловите за тоа се сосема добри, вели градоначалникот на Нирнберг, Мали. Во градските собранија, кај 90 проценти од сите гласања, владее принципот на едногласност, па според тоа претпоставките за усвојување на одредби и надвор од изборните термини всушност се многу добри.