1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богатите пливаат во милијарди

8 октомври 2004

Ширум светот растат добивките на претпријатијата. Но, наместо да инвестираат, тие порадо ги откупуваат сопствените акции. Подемот е загрозен – се констатира во написот под наслов “А тие пливаат во милијарди” објавен во неделникот “Ди Цајт”. Ви пренесуваме делови од тој прилог.

https://p.dw.com/p/AcKe

“Инвестициите се важни за стопанскиот пораст, знае сојузниот канцелар. ’Потребни ни се повеќе инвестиции‘, вели водачот на опозицијата. Обајцата, и Герхард Шредер и Ангела Меркел, се во право: без инвестиции нема подем, нема иновации – а со тоа ни поголема благосостојба. Сепак во Германија одвај уште да се вложуваат пари во нови производствени погони.

Од пред 4 години Бундесбанката регистрира квартал по квартал опаѓање на инвестициите: од 90 милијарди евра во втората половина на 2000-та година, на само уште 71 милијарда во првата половина од годинава – минус од повеќе од 20 проценти. ’Државата мора да ги подобри рамковните услови, да ги растовари претпријатијата‘ бараат непопустливо лобистите на индустријата.

Навистина?

Грото од акционерските друштва плива во пари, како во Германија, исто така и во Америка и Јапонија. Концерните од оваа и од онаа страна на Атлантикот, нотирани на берзите, згрнаа по еден билион евра, проценуваат експертите на големата швајцарска банка УБС. Но, во ниедна од трите водечки земји во светот претпријатијата веќе на вложуваат повторно во експанзија, како што правеа на почетокот на 90-тите години. Наместо да инвестираат, тие им ги делат парите на акционерите – или директно во форма на вонредни дивиденди, или индиректно, со тоа што си ги откупуваат сопствените акции и на тој начин го тераат угоре берзанскиот курс...

Пријатниот спореден ефект за управните одбори е дека тие можат по избор да се однесуваат или како добротвори, или како зголемувачи на вредноста. Токму последното е само мачкање очи, зашто курсот на акциите навистина расте, но берзанската вредност на претпријатието – бројот на акциите помножен со нивниот курс - останува иста. Но, кого го интересира сега тоа? Мотото гласи: само да не се направи никаква грешка. А секоја инвестиција крие претприемнички ризик; секој подарок на акционерите, меѓутоа, носи краткорочен аплауз.

Пред се’ во Германија се формира ’една култура на апсолутно избегнување грешки, која води до одредена неподвижност‘, вели Андреас Ник од УБС. Но и во Америка и Јапонија растечките добивки веќе не се слеваат автоматски во инвестиции. Тоа истовремено го остава без сила аргументот дека германските претпријатија своите пари би ги потрошиле во Кина или Источна Европа, каде работниот час е поевтин, само не дома. Концерните фактички цицијашат севкупно со инвестициите...

’Претпријатијата во моментов заработуваат бесрамно многу‘, вели Ролф Елгети од банката АБН Амро. Според пресметките на УБС, европските акционерски друштва денес повторно остваруваат реални добивки од капитал како во шеесетите години. Тоа така би требало да остане и во поблиска иднина, проценува Штефан Бергхајм, макроаналитичар од Дојче Банк. Зашто, трошоците за плата по единица производ, значи платите во споредба со производството на националното стопанство, се‘ повеќе заостануваат – во Германија, Америка и во Јапонија.

Во Германија трошоците за плата се‘ уште се под нивото од 1996-та година, додека домашните цени пораснаа за 7 насто. Последица: распределбата на националниот доход меѓу платите и добивката се поместува се‘ понатаму во полза на добивките. Од обединувањето наваму никогаш не се случи 31 процент на германскиот домашен бруто-производ да отпаднат на приходи од добивки. ’Загрижувачки‘ – вели за новиот феномен Патрик Артиз, главен економист на франуската банка ЦДЦ (се-де-се). Ако добивките не се преточуваат во профитабилни инвестиции или потрошувачка, во најдобар случај стопанскиот подем ќе испадне послаб, во најлош, пак, повторно се заканува рецесија.

Слободниот капитал, значи, не се враќа назад во крвотекот во вообичаениот обем. Зошто?

’Ние не можеме да најдеме инвестициони објекти‘ – се жали висок по ранг соработник на претпријатието Германска берза. ’Сите идеи пропаѓаат поради интерната претпоставка дека секој нов проект мора да оствари добивка од најмалку 18 до 20 проценти‘. Така денес им оди на многумина стратези од раководните нивоа. Нивните шефови им ветуваат на акционерите добивки од сопствениот капитал кои се на долг рок нереални...

’Многумина шефови на Управни одбори се‘ уште се врзуваат за бројките кои потекнуваат од златните 90-ти години, кога на пазарот на акции речиси без ризик можеа да се остварат курсни добивки од 15, па и повеќе проценти годишно‘, вели банкарот Ник од УБС. Инвестициона осека како проклетство од годините на бумот...”

– се вели покрај другото во прилогот на Роберт Хојзингер “А тие пливаат во милијарди” објавен во најновиот број на неделникот “Ди Цајт”.