1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богатите - побогати, сиромашните - посиромашни!

Силвера Падори23 јануари 2009

Јазот меѓу богатите и сиромашните, меѓу истокот и западот, на Германија е се’ поголем. Ова го потврди и студијата на Германскиот институт за испитување на стопанството презентирана во Берлин.

https://p.dw.com/p/GeG6
Сопственоста на Германците е проценета на 6,6 милијарди евра кои се нерамномерно поделениФотографија: picture-alliance/ dpa

Германците се економични и луѓе кои умеат со парите. Во периодот од 2002 до 2007 година вредноста на нивната сопственост е зголемена за десет проценти и според експертите изнесува 6,6 милијарди евра. Или, со други зборови кажано, во 2007 година месечно акумулирале просечни нето 88.000 евра што е за 8.000 повеќе од 2002 година. Би коментирале - богата нација! Но, дали е навистина така во реалноста?

Супербогати - десет проценти Германци

„Седумдесет проценти од населението во Германија поседува помалку од девет отсто од вкупниот имот. На другата страна, пак, се групата од десет проценти супербогати луѓе кои имаат дури 61 отсто од вкупниот имот. Или, уште попрецизно кажано, на контото на само еден процент од овие супербогати Германци се наоѓа 23 отсто од севкупниот имот, гледано во недвижнини и заштеди“, кажува Маркус Грабка од Германскиот институт за истражувања во стопанството, еден од изготвувачите на студијата порачана од фондацијата „Ханс Беклер“. Документот уште еднаш ги потврди разликите меѓу истокот и западот, кои место да се избришат и две децении по обединувањето се топ-актуелни.

Разлики во богатството и долговите

„Луѓето на западот во просек се трипати побогати од оние на истокот. Меѓутоа, не треба да се заборави дека овие разлики се едновремено и резултат на различното ниво на акумулирање на имотот до обединувањето на земјата. Секако, потоа влијае и на вложувањата и вреднувањата на недвижностите, а на овој план многу се чувствува и големата стапка на невработеност во новите покраини, која едноставно не овозможува богатење. Туку напротив, го разложува и она што луѓето успеале и да го тргнат настрана”, објаснува и Јоаким Фрик, заменик-раководител во институтот што ја работеше студијата.

Според Фрик, аргумент за се’ подлабокиот јаз е и податокот: за пет години во западниот дел сопственоста е зголемена во просек од 91.000 на 101.000 евра, додека на истокот е намалена од 34.000 на 31.000 евра. Прогресијата е видлива и кога се во прашање негативните салда. Процентот на задолженост на истокот за четвртина е повисок од оној на западот. И уште нешто: актуелната финансиска криза главно ја чувствува стопанството и оние што ќе останат без работа. Оние со дебели сметки и недвижности турбуленциите минимално ги погаѓаат! Анализите во студијата покажаа дека само два до три проценти од луѓето со екстра дебели конта се погодени од кризата. Оттаму, проценка е дека и во иднина не може да се очекува дека на нивните конта и во структурата на сопственоста навистина ќе дојде до некои драматични и масивни поместувања.