1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богов предложен за нов гувернер на НБМ

10 март 2011

Два месеци пред истекот на мандатот на Петар Гошев се обелоденува кандидатурата на Димитaр Богов за нов гувернер на НБМ. Потег кој правно не е спорен, но може да биде погрешен, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/10Wll
НБМФотографија: DW/Medana Weident

Предлогот за избор на Димитар Богов за нов гувернер на НБМ во услови на политичка криза и во очекување на распишување на предвремени парламентарни избори, за експертите е непринципиелен и невообичаен потег. Фаворитот на претседателот Ѓорѓе Иванов, чија кандидатура се обелоденува на нешто повеќе од два месеца пред истекот на мандатот на актуелниот гувернер Петар Гошев, најверојатно ќе биде избран уште во текот на месецов во брза парламентарна постапка. Ваквиот потег за експертите формално правно не е спорен, но сепак може да биде погрешен.

Mazedonien Land und Leute
Мандатот на Петар Гошев истекува на крајот на мајФотографија: DW/Stojanovski

Деканот на Правниот факултет Борче Давитковски смета дека е непринципиелно, да се распишат избори за една дубиозна ситуација, во која парламентот ќе избере човек кој ќе стапи на должност на крај на мај што според него е надвор од македонскиот систем. Според Давитковски, формално правно собранието може да го избере кандидатот со тоа што во одлуката да се каже дека тој ќе стапи на должност на пример на 25 мај. Сепак според него, ваквата процедура во услови кога се очекува да се распишат избори, а собранието да биде распуштено, би била поголема грешка, отколку да се сочека новиот парламентарен состав да го избере новиот гувернер.

Претседателот Иванов смета дека актуелниот вицегувернер Богов успешно ќе ја извршува функцијата, ќе придонел за економскиот раст и поенергично ќе ја подигнел економијата. Во писмениот предлог до собранието, Иванов наведува дека одлучил да го предложи наследникот на Гошев по опсежни консултации со бизнисмените и експертската јавност. 43 годишниот Богов, кој важи за експерт во монетарната политика, се смета за близок на актуелната владејачка гарнитура. Во Народната банка дојде од позицијата главен економист во Стопанска банка. Раководел и со сектор во министерството за финансии во времето кога премиерот Никола Груевски беше министер за финансии. Инаку седумгодишниот мандат на актуелниот гувернер Петар Гошев официјално му истекува на 24 мај.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска