1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богослужба за затворениците

9 мај 2011

Секој човек има право за слободно практикување на својата религија. Во затворот во Осендорф во Келн редовно се одржуваат богослужби, кои не ги посетуваат само христијаните, туку и муслиманските верници.

https://p.dw.com/p/118wh
Богослужбите се добредојдена промена за затвореницитеФотографија: AP

Саскија, заробеничката со долга црвена коса, го вежба својот текст. Она што го напишала ќе го чита на богослужбата наредниот викенд:

„Овде во затворот има различни проблеми. Некои од затворениците вршат грабежи, други, пак, се дрогираат. Некои од нив помислуваат на самоубиство.“

Казната е порта кон помирувањето

Саскија, која всушност се вика поинаку, е член на евангелистичката група на богослужбите во затворот во Келн Осендорф. Таа живеела на улица од 11-годишна возраст и земала дрога. Сега 21-годишната секоја недела помага во подготовките на богослужбите. Истото го мисли и затвореникот Микеле:

„Порано немав никаков допир со црквата и секогаш мислев дека црквата е здодевна. Овде забележав дека богослужбите во затворот се сосема поинакви од оние надвор. Тогаш сфатив дека тоа ме интересира. Секој може да учествува во организацијата на богослужбите, може да сподели нешто со останатите, а тоа е навистина забавно. Исто така самата група на богослужбите причинува задоволство, оти сме како мало семејство. Таму можеме да заборуваме за се‘ она, што на пример е табу тема во затворите.“

Jugendstrafvollzug
Затворениците ги напуштаат малите ќелии и секоја недела одат во пространата цркваФотографија: dpa - Bildfunk

Најголемиот дел од денот затворениците го поминуваат сами во своите ќелии, на осум метри квадратни. Богослужбите за нив се добредојдена промена. Можеби затоа толку многу заробеници секоја недела доаѓаат во пространата црква во затворот. На богослужбата доаѓаат 60 до 70 проценти од над 1.000 затвореници, вели Ева Шаф. Темната но висока црква е контраст на долгите ходници без прозорци и малите ќелии во најголемиот затвор во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија. Свештеничката Ева Шаф веќе 17 години нуди психолошка помош во затворот во Келн:

„Во нашата црква велиме дека казната е порта кон помирувањето. Имено, затворската казна треба да доведе до помирување на жртвата и сторителот на кривичното дело.“

Но, тоа не е едноставно. Затворениците кои бараат разговор во четири очи со свештеничката, често имаат големи проблеми и го доживуваат затворот како ќор-сокак. Во затворите има само малку понуди за помош. Секој втор затвореник во Германија повторно извршува кривични дела. Свештеничката Шаф, која нуди психолошка помош, со понуди како што е групата на богослужбите, на затворениците сака да им даде можност да се соочат со себеси и со верата.

Има само еден Бог

Symbolbild Religion Islam Christentum
На богослужбите доаѓаат припадници од различни религииФотографија: AP Graphic / DW-Fotomontage

Притоа тие не мора да бидат припадници на иста конфесија. Волкан, на пример, е муслиман:

„Според мене меѓу нас нема никаква разлика, оти има само еден Бог. Секогаш верував во Бога, но во некои ситуации не помислив на него, да го сторев тоа мислам дека немаше да извршам кривично дело. За мене не претставува проблем дали сега сум во џамија или во црква, важна е презентацијата.“

Презентацијата е силната страна на Волкан. На богослужбите тој редовно ги претставува песните кои самиот ги пишува на турски јазик:

„Јас бев во затвор, а вие ме посетивте.“

Оваа реченица од Евангелието според Матеј, од Новиот завет, е во основата на психолошката помош во затворот. Психолошката помош се практикува активно од 17 век, по воведувањето на модерната затворска казна.

Потребни се подобри услови во затворите

BVG Sicherheitsverwahrung in Deutschland
Службата за психолошка помош се залага за подобри услови за затвореницитеФотографија: AP

Ева Шаф денес е една од вкупно 300 помошници во Германија, од евангелистичките служби за психолошка помош. Во нејзината канцеларија има Библии на повеќе јазици. Низ прозорецот со решетки се гледа дворот на затворот. Свештеничката Шаф, заедно со нејзините колеги од католичка вероисповед, се залага за затвори со подобри услови.

„Задачата на затворениците е самите да се соочат со нивните дела. Притоа главната задача на службите за психолошка помош е да ги поддржат во тоа. Но, исто така може да се каже дека за тоа се потребни подобри услови.“

Тоа не е секогаш возможно. Затворениците со психички проблеми во затворите најчесто не можат да ја добијат потребната помош. За разлика од службениците во затворот, Шаф не може да одлучува за затворениците. Но, таа може барем да им понуди место каде можат да се повлечат, и да им овозможи разговор со загарантирана дискреција.

Автор: Ана Радиќ / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски