1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И ѕвездички од цимет - и баклава!

25 декември 2011

Во едно основно училиште во Бон се слават сите големи муслимански и христијански празници. Така учениците, често пати со мигрантско потекло, дознаваат повеќе за обете религии.

https://p.dw.com/p/13Y9y
Децата ученици во „Ам Домхоф“ во Бон МелемФотографија: DW

Учениците на основното училиште „Ам Домхоф“ во Бон-Мелем учат песни од големите германски поети Хајне и Рилке, пишуваат и самите стихови посветени на Божик и заеднички во хор пеат германски песни. Што е во тоа необично? Ако се има предвид дека 60 проценти од децата имаат мигрантско потекло - многумина од нив се муслимани, веројатно сево ова не е само по себе разбирливо. Но, за сите нив тоа веќе одамна е нормална работа. Времето на адвентите беше под белегот на секојдневното увежбување на програмата што ја подготвуваа за нивните родители по повод Божикот. Секое утро свечено се палеа свеќите на адвентскиот венец, а еднаш неделно училишната аула се претвораше во предбожиќна концертна сала со настапот на студенти по музика.

Annie Kawka-Wegmann
Директорката на училиштето Ани Каука ВегманФотографија: DW

Респект за другите култури

Околу 340 деца од 29 нации во училиштето „Ам Домхоф“, освен математика, германски и слично, пред се’ учат да респектираат други култури и религии. „Кај нас сите ученици - христијани или муслимани, се’ едно, се подготвуваат за Божиќ“, вели Ани Каука-Вегман, раководител на училиштето. Раѓањето на Исус Христос е важно и за муслиманските деца, оти во исламот Исус е важен пророк и се вика Иса. Тој е спомнат во 15 сури на Куранот и е познат по тоа, дека никогаш не направил грев. Ани Каука-Вегман го научи тоа од учениците-муслимани.

Учениците од доселенички семејства во најголем дел потекнуваат од арапскиот простор. Оттука, не е чудно дека божиќната софра ја збогатуваат ѕвездичките од цимет, божиќниот сладок леб со бадеми, суво грозје и марципан - и баклава. Исламот овде одамна стана дел од училишното секојдневие, иако патот дотаму понекогаш беше трновит. Мнозинство од учениците се муслимани и раководството на училиштето многу полага врз тоа, религиозните празници, како на пример Божик или Курбан Бајрам, заеднички да се слават. Во меѓувреме, учениците во ова училиште веќе знаат по нешто за религиите на другите.

Singende Schulkinder
Децата пејат божикни песниФотографија: DW

Приказната за Божик во наставата по исламска веросиповед

Познавањата на учениците за другите религии не се случајни. Со оглед на големиот удел на муслимански деца, раководството на католичкото основно училиште „Ам Домхоф“ уште одамна се реши да учествува на еден тест-модел. Имено, од 1999 година во избрани училшта во покраината Северна Рајна Вестфалија е воведена настава по исламска религија на германски јазик, исклучиво под државен надзор. Од 2004 година училиштето во Бон-Мелем вработува наставник по исламска веронаука. Од него муслиманските деца дознаваат и по нешто, на пример, за Божикот. „За мене е особено важно во наставата по исламска веронаука и христијанските празници да имаат место“, вели Бернд Ридван Баукнехт, наставник по исламска веронаука. Во наставата се појаснува и односот на исламот кон христијанството и другите религии. „Сметам дека тие интеррелигиски односи мора да бидат вградени во наставата за сите годишта и тука Божикот е многу важен“, вели наставникот.

Севкупен интеркултурен концепт

Училиштето „Ам Домхоф“, покрај наставата по исламска веронаука, во соработка со Универзитетот Келн креира севкупен интеркултурен концепт и со успех го спроведува: според официјалната статистика, од ова училиште 70 проценти повеќе ученици го продолжуваат школувањето во гимназија, отколку што изнесува просекот во покраината.

Bernd Ridwan Bauknecht
Бернд Ридван Баукнехт, наставник по исламска веронаука.Фотографија: DW

Во наставата меѓусебно се поврзуваат мајчиниот и вториот јазик за децата, а постои понуда за учење германски за родителите на мигрантските деца. Заедничките прослави, како на пример на Божикот, во крајна линија имаат за цел меѓусебен дијалог на родителите. Но, тој сеопфатен концепт не наидува секаде на одобрување: „Кај нас редовно доаѓаат родители за да ги одјават своите деца, откако ќе слушнат дека овде како мајчин јазик се учи и арапски или турски“, вели раководителката на училиштето Ани Каука-Вегман. Има и муслимански родители кои имаат проблем со накитената елка, но тоа се поединечни случаи. Признавањето на мајчиниот јазик и на религијата се основа за рамноправна коегзистенција. „Токму религијата се манифестира во културата и поради тоа празниците се многу битен дел“, нагласува Ани Каука-Вегман.

Под елката - баклава

И заедничкото славење на муслиманските празници ги застрашува родителите - Германци, па и поради тоа доаѓа до отпишување на децата од училиштето. Но, тие кои остануваат, ја живеат интеграцијата. Многу муслимански семејства одамна веќе китат елка за Божик - а служат ориенталски слатки. Во некои семејства дури се практикува и давање подароци. Белешката со божиќна желба не знае ни за религиозна припадност, ниту за културни корени.

Автор: Улрике Хумел / Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски