1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Божиќ и младите

Мартина Мариновиќ 17 декември 2008

Какво значење има Божиќ за младите? Дали е тоа пред се‘ семеен празник, или се поважни подароците? И, како младите гледаат на божиќните пораки?

https://p.dw.com/p/GHlA
Подароци, подароци...дали е тоа најважно?Фотографија: AP

Секоја година, неколку недели пред Божиќ, кај Германците се раѓа желбата за купување. Трговците и оваа година се обидуваат да го погодат вкусот на потрошувачите, и покрај светската финансиска криза - им нудат нови идеи што да им подарат на најблиските или ги привлекуваат со неодоливите божиќни слатки. И додека возрасните се заразени со таканаречениот предбожиќен стрес, многу млади луѓе ја бараат вистинската смисла на празникот. Какво значење има Божиќ за младите?

На божиќен панаѓур во Бон

Пред божиќниот штанд со медени срца во центарот на Бон стојат три весели девојчиња. Дванаесетгодишната Кира и нејзините другарки Лиза Мари и Лена се двоумат дали да купат од медените колачиња или можеби свежо испечени зашеќерени бадеми. Трите девојчиња и нивните пријатели, 12-годишниот Наил и 15-годишниот Некирван, се забавуваат на божиќниот панаѓур:

Amerikanische Familie in München Weihnachtsmarkt
Сите на божиќен панаѓур!Фотографија: AP

„Убаво е овде. Пиеме топло чоколадо, разговараме и се дружиме, тоа навистина ми се допаѓа“, раскажува Кира и го допива топлото чоколадо, за да не се излади. За ученичката и нејзините пријатели, посетата на божиќниот панаѓур е традиција. Топлото чоколадо и зашеќерените бадеми со вкус на ванила се едноставно составен дел од предбожиќната магија, без која не се може. Но, што се случува со подароците? Се разбира, и тие не смеат да изостанат, вели Кира. Од мајка и’ таа веќе го доби подарокот - црна модерна јакна. Па, и покрај сите „слатки“ искушенија, Божиќот за црвенокосото девојче е семеен празник:

„Кога е Божиќ моите родители работат само половина ден. Потоа доаѓаат дома, заедно готвиме, разговараме. Годинава ќе биде поинаку, бидејќи моите родители се разделија минатото лето. Се одлучив овој пат Божиќ да го минам со татко ми. Ќе прославиме како и минатите години, без мама“, вели Кира и дополнува дека со мајка и’ ќе слави Божиќ догодина, без оглед дали ќе добие подарок или не.

Рецептот за добро празнување се вика „љубов“

Најважно од се’ е времето пред Божиќ и празникот да биде исполнет со многу љубов, да има божиќна трпеза и убаво накитена елка, вели другарка и’ на Кира, Лиза Мари:

Viktualienmarkt und Weihnachtsmarkt in München
Фотографија: DW / Barbara Cöllen

„Мислам дека Божиќ е празник на љубовта. Треба да бидеме чесни едни кон други и да имаме меѓусебна доверба. Убаво чувство е, како да имаш роденден.“

Лиза Мари не го поврзува Божиќот со роденденот на Исус Христос, бидејќи не е религиозна. Празникот многу повеќе го поврзува со традицијата:

„Традиција кај нас е да се покани семејството, заедно да седнеме на трпеза и да разговараме, едноставно да бидеме тука еден за друг.“

Божиќ и се‘ е поинаку

За Некирван Окоуглу, кој има турско потекло, Божиќот нема значење, но тој смета дека е супер што неговите пријатели ја негуваат семејната традиција. Нему особено му се допаѓаат божиќните панаѓури во Германија:

„Тоа се случува само еднаш во годината. Градот тогаш изгледа сосем поинаку. Насекаде блеска.“

Младите добро знаат дека е поинаку во споредба со другите денови од годината. Затоа, времето минато со семејството го ценат и за нив тоа е најголемиот подарок. Сепак, без материјални подароци не се може, раскажуваат тие. Оти убаво спакуваните подароци под новогодишната елка се, како што велат младите...

„Многу важни, многу, многу важни.“

„Најголема желба ми е да ја минам вечерта на божиќната трпеза со родителите, да бидеме заедно.“

„(...) типична прослава на Божиќ.“

А типично божиќно и во иднина остануваат - љубовта, семејството и радоста.