1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Боксерот кој сака да ја спаси Украина

Роман Гончаренко/Борис Георгиевски28 октомври 2012

Витали Кличко сака да го оствари во Украина, она што му појде од рака на Арнолд Шварценегер во САД - успешна политичка кариера. Неговата партија претендира да стане трета најсилна во земјата на денешните (28.10) избори.

https://p.dw.com/p/16Xhp
Фотографија: DW

Камерата го снима Витали Кличко од зад грб додека тој го чека својот настап. Стои сам во ходникот на московската Олимписка сала: мирен е, се гледа дека е рутиниран. На тој 8. септември 2012. на програмата е 47. меч во неговата кариера. Од звучниците ечи песната „Hell's Bell's“ на хардрокерските ветерани AC/DC. „Ти си млад, но сепак мораш да умреш“, гласи еден од стиховите на омилената нумера на 42-годишниот боксер кого го нарекуваа Д-р Челична тупаница.

Се’ е готово во четири рунди. Борбата е прекината откако противникот на Кличко, Германецот Мануел Чар премногу крвари. Украинецот победува во уште една битка со технички нокаут и останува светски првак во тешка категорија во ВБЦ верзијата.

Само неколку недели подоцна Кличко го очекува уште една борба, но овојпат од инаков вид, меч кој би можел да го смени неговиот живот: Денеска, 28 октомври, Украинците бираат нов парламент, а партијата на Кличко УДАР важи за еден од фаворитите. УДАР е кратенка за Украински демократски сојуз за реформи, а играта со буквалното значење на кратенката е секако свесна асоцијација со спортската кариера на нејзиниот основач и претседател.

За разлика од боксерската, политичката кариера на Кличко досега не бележеше некои поголеми успеси. Својот интерес за политиката тој го обзнани уште во 2004. кога ја поддржа Портокаловата револуција и застана на страната на прозападниот претседател Виктор Јушченко, а подоцна стана и негов советник. Обидот, како кандидат на една коалиција да стане пратеник- пропадна, како и неговиот обид да стане градоначалник на главниот град Киев. Му успеа единствено со една фракција да влезе во градскиот совет.

Box-Kampf Vitali Klitschko gegen Daniel Charr
Витали Кличко (лево) по борбата со Мануел ЧарФотографија: dapd

Успех кај младата популација

Сега конечно би можел да го оствари и првиот поголем политички успех. Неговата популарност во Украина нагло се зголеми откако го смени името на својата партија од Нова земја во УДАР. Гласачите се обидува да ги привлече со едноставна порака „Време е за УДАР“, а својата партија ја гледа десно од центарот. Анкетите покажуваат дека Кличко многу гласачи наоѓа меѓу младите луѓе во градските средини. Според последните испитувања на јавното мислење, партијата на Кличко, со 15 проценти, е веднаш зад втората најсилна партија во земјата - Татковината на Јулија Тимошенко, која седи в затвор. Владејачката Партија на регионите, според анкетите, има поддршка на 23 отсто од граѓаните.

Аналитичарот Винфрид Шнајдер-Детерс клучот за популарноста на Кличко го гледа во желбата на граѓаните за нови лица во политичкиот живот. Според шефот на канцеларијата на фондацијата Фридрих Еберт во Киев, луѓето во Кличко гледаат алтернатива за политичарите од стар ков, од кои многу Украинци се разочарани. Тој меѓутоа, укажува и на податокот дека на изборните листи на УДАР нема многу нови лица - имено, мнозинството од кандидатите од претходно и‘ се познати на јавноста како политичари од кругот на екс-претседателот Јушченко.

„Чисти“ раце

Фактот дека Кличко своите милиони во странство ги заработил буквално со двете раце, исто така игра улога во кампањата, вели Шнајдер-Детерс. Во земја како Украина, каде политичарите вообичаено се сметаат за корумпирани, Кличко ужива углед на „чист“ политичар.

Vitali Klitschko Wahlkampf Ukraine
Во предизборна кампањаФотографија: DW

Доколку погледнете во изборната програма на Кличко, ќе најдете општи флоскули за „сузбивање на корупцијата“ или „европски стандард на живот“. Нема никакви наводи за евентуалното пристапување на Украина кон ЕУ или приближување кон Русија.

„Кличко сака да ги задоволи сите“, го критикува еден киевски колумнист.

Боксерот, пак, својата цел ја гледа во уривање на Јанукович од власт. Сам тоа сигурно нема да може да го стори, а проблем е што неговиот однос со обединетата опозиција не е најдобар. Кличко, имено, одби да пристапи кон коалицијата која ја предводи Јулија Тимошенко, како и да потпише коалициски договор пред изборите.