1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбата против тероризмот е борба за туризмот

Ивоне Кох5 јануари 2009

Во април 2002, атентатор-самоубиец со цистерна со течен гас влета во синагога на тунискиот туристички остров Ѓерба. Од денеска (5.1.2009) пред судот во Париз се наоѓаат осомничените за организирање на овој напад.

https://p.dw.com/p/GSQW
Синагогата „Гриба“ што беше крената во воздухФотографија: AP

Долги години тунискиот остров Ѓерба важеше за туристички рај: сонце, палми, кактуси и километри долги плажи. Меѓутоа, на 11 април 2002 година, цистерна со 5.000 литри течен гас влета во една од најпосетуваните синагоги, „Гриба“, и ја крена во воздух. Во нападот загинаа 21 турист, од кои 14-мина Германци. Туниската влада најпрвин тврдеше дека станува збор за несреќен случај, но во јуни терористичката Ал Каеда ја презема одговорноста за нападот. Ова и за Тунис беше голем шок, вели професорот Бенјамин Стора:

„Тунис секогаш се сметаше за безбедна земја, во која долго време скоро и да немаше терористички закани. Причината за ова е што тунискиот режим особено будно го набљудува населението. Затоа нападот во Ѓерба во 2002 година дојде како изненадување, сите сметаа дека туниската влада држи се` под контрола“.

Надзорот се заостри по нападите

Tunesien Touristen am Strand von Jendouba
Добра туристичка година: 7 милиони туристиФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Уште пред нападот, Тунис важеше за полициска држава. Но, оттогаш стана уште построго - се` се контролира, секој телефонски разговор се прислушува, интернетот се цензурира. Туниската влада е немилосрдна и со исламистите: рации и апсења стојат редовно на дневниот ред, а при акциите секогаш се убиваат осомничени за тероризам. Оваа борба против тероризмот е, пред се`, борба за туризмот, смета Бенјамин Стора: „Од 2002 година мерките за надзор на населението се уште построги, пред се`, поради тоа што туризмот е многу важен за земјата. Секоја година милиони туристи доаѓаат во Тунис, кои гарантираат добар приход. Затоа сега надзорот и заштитата од тероризам се многу посилни“, вели професорот Стора.

Тунис се` повеќе се исламизира

Frauen, Türkei, Istanbul, Kopftuch
Шамиите се` почести во ТунисФотографија: picture-alliannce/dpa

Тунис мора да биде безбеден, во спротивно повеќе нема да доаѓаат туристи. Ваквите радикални чекори се чини вродуваат со резултат: и покрај економската криза, во 2008 година земјата ја посетија повеќе од седум милиони туристи, што е повеќе во однос на претходната година. Дали на туниската влада и’ појде од рака да го сотре тероризмот? Професорот Стора вели: „Исламистичките движења во Тунис веќе не се толку силни како порано. Барем што се однесува до политичката сфера. Но, во општеството се забележува се` поголемо исламизирање. Носењето шамии, на пример, во изминативе години стана се` почесто, иако претходно во Тунис не беше така“.

Во соседството врие

Иако можеби се чини дека во Тунис има помалку исламистички струења, во останатите земји на Магреб со години врие. Во соседен Алжир, на пример, во 2007 година имаше 40 жртви на тероризам. Експертот за туризам на францускиот Институт за стратегиски анализи, Франсоа Гере, смета дека идеологијата на Ал Каеда секогаш наоѓа плодна почва: „Станува збор за идеолошко движење, за обид секој излив на незадоволство, фрустрација или навреда да се искористи во своја полза и од тоа да се создаде оружје во служба на оваа идеологија“.