1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба против организираниот криминал или монтиран судски процес?

Горан Петрески10 декември 2008

Првостепениот суд во Скопје донесе пресуда во случајот „тенковски резервни делови“. Главно обвинетите Владо Бучковски и Методиј Стамболиски се осудени на по три и пол години затвор.

https://p.dw.com/p/GCkg
Поранешниот премиер и министер за одбрана, Владо БучковскиФотографија: AP

Матичната политичка партија на професорот Владо Бучковски, СДСМ, синоќа имаше средба со адвокатите на нивниот член осуден на затворска казна и за денеска најави реакција на вчерашната пресуда. Судот изрече казна од 3,5 години за поранешниот премиер Владо Бучковски, бидејќи како министер за одбрана набавил резервни делови за армиските тенкови во зделка со која ја оштетил државата за 2,4 милиони евра.

Во првичната реакција по објавувањето на пресудата Бучковски оцени дека е жртва на политичка одлука донесена надвор од судот: „Станува очигледно дека во судот нема да победат оние кои правно ќе докажат со факти и со докази дека се невини. Евидентно е дека од завршните зборови на крајот на минатата недела се случува нешто вон оваа судска зграда. Евидентен е политичкиот притисок и евидентно е дека овде станува збор за политички монтиран процес, кој остава горчина и кај мене и кај сите оние кои го следеа процесот. Станува јасно дека зад плаштот на борба против организираниот криминал се води борба против политичките неистомисленици и тоа до истребување.“

Buckovski - Justiz
Бучковски во придружба на пат кон судницатаФотографија: MIA Photo Service

Исполитизирано судство?

Иста казна како Бучковски заработи и поранешниот началник на армискиот генералштаб Методија Стамболиски, а останатите тројца обвинети за случајот „тенковски резервни делови“ добија по три години затвор. Обвинението ги товари дека набавиле прекумерно количество на резервни делови. Генералот Стамболиски рече дека пресудата е доказ за исполитизираноста на македонското судство. „Ова е само уште еден доказ колку е судот независен и колку политиката влијае врз него. Однапред се знаеше дека ќе има ваква пресуда или слична. Меѓутоа се надевам дека постојат и други инстанци на кои ќе докажеме кој е во право, а кој не!“

Mazedonien EU-Beitritt
Бучковски во времето кога беше премиер со евро-комесарот за проширување Оли РенФотографија: dpa

Осудените, нивните семејства и одбраната револтирано ја коментираа судската пресуда, а адвокатите најавија жалба. „Сите докази укажуваат дека во конкретниот случај немаше никакви докази за било каква кривична одговорност“ - вели адвокатот Јован Трпеновски. „Многу сум заинтересиран како ќе биде образложена таа пресуда, бидејќи од сите материјални докази не произлегува она што го утврди првостепениот суд“ - нагласи адвокатот Драган Георгиев.

Пресуда со политичка тежина

Осудените остануваат на слобода се до правосилноста на пресудата која претходно ќе биде обжалена на апелациски суд. Бучковски и Стамболиски се највисоките државни функционери осудени за злоупотреба на позицијата. Случајот „армиски тенкови“, во кој двајцата се првообвинети, е отворен во август 2007. Тогаш обидот за приведување на Бучковски испровоцира бурна реакција на опозициската СДСМ, која со денови протестираше пред зградата на судот.