1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба против поплавите во Европа

ЖА/дв/дпа/афп2 јуни 2013

Во многу места во Европа летото наместо топлина донесе поплави. Не е поинаку ниту во Германија - предупредувањето од водените маси останува. Најпогодени се покраините Баварија и Тирингија.

https://p.dw.com/p/18iUt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Непрекинатите дождови на метеоролошкиот почеток на летото предизвикуваат и натаму надојдување на помалите реки и нивно излевање од коритата. Од многу метеоролошки станици се јавува за врнежи во последните 24 часа еднакви на половината од просекот во цел месец мај. Според метеоролозите, ниту во следните денови не се очекува промена на временските услови.

Deutschland Hochwasser Dauerregen Bayern
Баварија е меѓу најпогодените покраини од поплавитеФотографија: picture-alliance/dpa

Поројните дождови во јужниот и источниот дел од Германија го зголемија нивото на реките, по што и властите почнаа со преземање мерки за заштита од надојдени реки. Нивото на водите на Рајна, Дунав и Некар постојано се зголемува, а има закана и за поплави од помали реки.

Силниот дожд и поплавите предизвикуваат и низа незгоди. Блокирани се за сообраќај повеќе магистрални патишта и делови од автопатишта.

Властите во Пасау се подготвуваат за значително зголемување на нивото на Дунав, чии води до утре се очекува да бидат на ниво двојно поголемо од нормалното. Во блискиот град Борна е издадено предупредување за природна непогода. Австрија, Чешка и Швајцарија исто така засилуваат напори за заштита од надојдените реки.