1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба против трговијата со органи

Хајмо Фишер/ ЖанаАцеска23 ноември 2013

Советот на Европа започна иницијатива против криминалците кои им земаат органи на луѓето заради продажба. Но, ќе трае долго додека нелегалната пракса да биде запрена во цел свет.

https://p.dw.com/p/1AMMV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Листата на ужасите е долга. Во Бангладеш сиромашните селани ги продаваат своте бубрези за 1400 до 1900 евра. Во египетската Синајска путина според извештаите, на бегалците им се вадени на жуво органи од телото. Во Кина бубрезите, срцата и белите дробови на егзекутираните завршуваат во операционите сали, а трговијата со човечки делови од тело расте и на Балкан.

Колку случаи на вадење органи од луѓе без нивна желба постојат, може само да се прогнозира. Непобитно е дека илегалната трховија во минатите години се зголемува.

„Побарувачката по органи за трансплантација е многу поголема од понудата“, вели Манфред Новак во разговор за Дојче веле. Експертот за меѓународно право од Виена до 2010. година беше специјален известувач на ОН за мачењата. За него е недвојбено: „Трговијата со органи е дел од организиран криминал, кој расте со голема брзина“.

Важен чекор за човековите права

За да се сузбие ваквата криминална пракса, Советот на Европа се реши на важен чекор. Денеска треба да биде усвоен предлогот за се‘опфатна Конвенција за борба против трговијата со органи од страна на постојаното Парламентарно собрание. Таа би можела да стапи во сила веќе во следната година.

Manfred Nowak
Манфред НовакФотографија: picture-alliance/dpa

Советот на Европа е организација со водечка улога на континентот во областа на човековите права. Нему му припаѓаат 47 држави, меѓу кои и 28 членки на ЕУ, а седиштето е во Стразбур.

Предлогот предвидува казни за оние кои под принуда или за пари вадат органи за да тргуваат со нив. Треба да биде спречен и т.н. трансплантациски туризам. Во кинеските, пакистанските или индиските клиники на пример паричноспособните пациенти од странство можат да ги добијат на пресадување потребните органи. А, од каде доаѓаат тие, често не е јасно.

Казни се предвидени првенствено за трговците и бескруполозните хирурзи. Сепак, на поединечните влади им е препуштен односот кон луѓето кои продаваат органи поради сиромаштија или итна потреба од пари.

Organhandel in Pakistan - Arme verkaufen ihre Nieren
Трговија со човечки органи во ПакистанФотографија: picture-alliance/dpa

Конвенцијата треба да има поттикнувачка улога

Но, правилата содржани во Конвенцијата нема автоматски да стапат во сила во државите-потписнички. Секоја одделно треба да изврши прилагодување на своите закони, а тоа може да потрае. Експертот за човекови права Венцел Михалски од Хјуман Рајтс Воч сепак во иницијативата на Советот на Европа гледа камен темелник во борбата против меѓународната трговија со органи.

„Европската Конвенција може да биде претходник на конвенции ширум светот“, вели тој, укажувајќи на договорите за забрана на распрснувачки бомби, хемиско оружје или нагазни мини, кои во меѓувреме се потпишани од поголем број од државите во светот.

Криминалците-трговски со органи во Европа уште денес не можат да бидат сигурни дека ќе поминат неказнети. Кон крајот на април еден меѓународен суд осуди петмина мажи од Косово кои земале органи за пари и ги продавале на богати пациенти од Израел, Германија, Канада и Полска. Процесот на дневна светлина изнесе дека донаторите за еден бубрег добивале околу 12 илјади евра. Органите биле продавани на пациентите за десетпати повеќе.

Засилување на правата на сиромашните

Дали Конвенцијата значително ќе ја запре трговијата со човечки органи, денес не може да се каже. За професорот по право Новак, се работи за сигналот:

Organhandel China Todesstrafe
Осуденици на смрт во Кина - „извор“ за органи за пресадувањеФотографија: picture-alliance/dpa

„Се работи за човечко достоинство“. А, се работи и за обезбедување на правата на најсиромашните, па макар и со симболичен чекор. Зашто, токму тие ги продаваат органите за пари. Не смее да бидат толерирани ни криминалните банди, кои киднапираат луѓе и против нивна желба им вадат органи.

Трговијата со човечки органи делумно е толерирана во некои држави, вели Новак. Така, оваа пракса во Иран е легална. Екстремна форма постои во Кина, каде владата потврди - на бројни егзекутирани затвореници им се вадени органите и давани на трансплантација. Но, се‘ почести се укажувања дека не се работи само за органи на осуденици, туку и на пример на убиени членови на забранетото движење Фалун Гонг, иако за тоа нема цврсти докази, истакнува Новак. Тој своевремено од име на ОН водел истрага во Кина. Претставник на кинеската влада најави дека од 2014. година Кина ќе ја прекине праксата за давање дозвола за трансплантација на органи од погубени лица. Конвенцијата за борба против трговијата со органи може да ја потпише и Кина, таа е отворена не само за членките на Советот на Европа, туку за сите држави во светот.