1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов - и во заминувањето вистински популист!

Обработка: Зоран Јордановски (ТАЦ, ЗЦ, Велт)21 февруари 2013

Бугарските граѓани се многу сиромашни и разочарани од политиката на владата на Борисов, едногласно констатираат германските весници. И примерот на Бугарија покажува: политиката на ЕУ ги води послушните земји во бездна.

https://p.dw.com/p/17is6
Фотографија: Reuters

Во коментарот на весникот „ТАЦ“ се вели: „Разочарувањето на Бугарите, кои во почетокот секој нов шеф на владата го преценуваат како спасител и во 2001 година го реанимираа и последниот цар Симеон Сакскобургготски, е огромно. Се’ повеќе луѓе живеат во голема сиромаштија. Не остана многу ни од силните ветувања на Борисов дека решително ќе постапува против корупцијата. Сега сите знаци упатуваат на предвремени избори. Но, каков и да испадне нивниот исход, веројатно ништо нема да се промени во тешката ситуација на луѓето“.

Борисов повеќе се грижеше да ја обезбеди својата власт

„И во заминување тој се однесува како вистински популист“, смета весникот „Зиддојче цајтунг“: „Бугарскиот премиер Бојко Борисов заминувањето од функцијата по протестите против високите цени на енергијата го инсценира како театарска претстава. До новите избори нема да ги води владините работи и се надева дека граѓаните тогаш побргу ќе му ги простат неговите гревови“. Весникот понатаму во коментарот оценува: „Освен примерното водење на буџетот, по триипол години на функцијата, Борисов не може да покаже некои позитивни остварувања. Но, се чини дека програмата за штедење беше премногу ригорозна, оти Бугарите страдаат од голема сиромаштија. Тие се разочарани дека владата не ја подобри нивната економска состојба, ниту пак доволно ефикасно ја водеше борбата против корупцијата и мафијата. Наместо тоа, Борисов потроши многу енергија за да ја обезбеди својата власт и да го зајакне присуството на свои следбеници во правосудството и печатот“, коментира „Зиддојче цајтунг“.

Zeitungen aus Springer Verlag Symbolbild Presseschau Presse
Фотографија: dpa

Владата на Борисов - омилена во Брисел, омразена во народот

„Се’ едно кој табор владее - економската ситуација на луѓето е до таа мера тешка, што секоја влада добива проблеми, кои во нејзино време уште повеќе се влошуваат“, констатира и „Ди велт“. Весникот укажува: „Бугарската криза нема само внатрешно-политичко значење. Таа е симптом на еден тренд во Источна Еропа: владите кои не успеваат да ја ублажат широко распространетата сиромаштија, мораат да стравуваат за својата власт. А тоа пред се’ се влади кои го прават она, што го сака ЕУ.

Борисов беше пример за тоа, како политиката усогласена со ЕУ во Источна Европа може да води во бездна. Министерот за финансии Симеон Ѓанков успеа минатата година државниот дефицит да го намали на само 0,5 проценти од БДП, а и во 2011 со минус од два процента земјата беше под во ЕУ утврдената горна граница на задолжување од три проценти. Тоа ја направи бугарската влада многу омилена во Брисел - но и многу омразена од народот. (...) Има симболика во тоа, дека партијата на Борисов, соборена од власт, се вика „Граѓани за европски развој на Бугарија“, забележува, покрај другото, весникот „Ди велт“.