1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов: Нападот во Бургас не можел да се запре

ЖА/миа25 јули 2012

Бомбашот самоубиец, кој во црноморското летувалиште Бургас уби петмина израелски туристи, веројатно во Бугарија влегол од држава на ЕУ која се наоѓа во безвизната Шенген зона, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

https://p.dw.com/p/15eGe
Фотографија: AP

„Може да се покаже дека дошол од некоја земја членка на Шенгенот. Ова е трагата што со неколку други партнери од ЕУ во моментов ја истражуваме“, изјави Борисов на прес конференција по разговорот со Џорџ Бренан, советник за внатрешна безбедност и контратероризам на американскиот претседател Барак Обама.

Борисов истакна дека бомбашот и неговите помагачи биле „исклучително искусни“, во Бугарија дошле еден месец порано, постојано ги менувале автомобилите што ги изнајмувале. Престојувале во различни градови, за да не бидат видени заедно, бидејќи ниту една видео снимка не прикажува повеќе од едно лице од оние по кои се трага.

Борисов наведе дека нападот бил изведен така што не било можно да се запре, „освен бугарските служби случајно да можеле да дојдат до експлозивот во моментот додека се подготвувал“.

Борисов прецизираше дека со споредбата на ДНК примерокот на напаѓачот со базата на податоци ширум светот истражителите не успеале да го утврдат неговиот идентитет.