1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија Дортмунд се разбуди од кусиот сон

4 април 2011

По слабите настапи во последните две кола, Борусија Дортмунд направи голем чекор напред кон шампионската титула во фудбалската Бундеслига. Екипата на Бајер Леверкузен меѓутоа држи чекор на второто место.

https://p.dw.com/p/10n6k
Напаѓачот на Борусија Дортмунд Лукас Бариос (во средина) со соиграчите го прославува голот против ХановерФотографија: AP

Цели 60 минути натпреварот меѓу првопласираната Борусија Дортмунд и третопласираниот Хановер беше многу здодевен. Но изненадувачкото водство на Хановер го разбуди заспаниот џин, и Борусија одговори жестоко, со четири голови во последната четвртина од натпреварот за конечни 4:1:

„Тоа се разбира на почеток беше натпревар во кој доминираше претпазлива игра, како од наша така и од страна нa Хановер. Водството на гостите од 1:0 не‘ освести и на тоа одговоривме на вистински и впечатлив начин“, изјави по мечот, германскиот репрезентативец од редовите на Борусија, Матс Хумелс.

И покрај оваа победа на Борусија сепак останува уште малку неизвесност околу шампионската титула со оглед дека второпласираниот Бајер Леверкузен го совлада нагости Кајзерслаутерн со минимални 1:0. Тренерот на домашната екипа Марко Курц на крајот мораше да признае дека неговите играчи не можеа да се носат со наjдобрата екипа во пролетниот дел од сезоната:

„Сметам дека видовме еден во основа тежок натпревар за двете страни. Ние во првиот дел имавме голем број шанси, но поради индивидуалниот квалитет на Леверкузен загубивме во второто полувреме“.

FC Bayern München vs. Borussia Mönchengladbach
Арјен Робен ( на сликата во дуел со двајца играчи на Менхенгладбах) повторно беше стрелец за Бајерн МинхенФотографија: picture-alliance/dpa

Бајерн конечно на третото место

А Бајерн Минхен? Баварците имено и натаму имаат големо заостанување зад Дортмунд и Леверкузен но благодарение на тесната победа против последнопласираната Борусија Менхенгладбах во Минхен со 1:0 го преземаа третото место од Хановер, што значи барем борба за влез во Лигата на шампионите преку квалификации. Саботниот натпревар меѓутоа не беше убав, признава и германскот репрезентативец од редовите на Бајерн, Томас Милер:

„Да, секој виде дека Борусија играше одбрана длабоко во својата половина и нам не ни беше лесно, мора да се каже. Но ние бевме трпеливи и на крајот победата можеше да биде дури и поубедлива.“

На петото место на табелата, последно кое обезбедува пласман во европските натпреварувања се наоѓа екипата на Мајнц чиј капитен е македонскиот репрезентативец Николче Новески. Во 28 коло меѓутоа на домашен терен наместо победа Мајнц се спаси од пораз од солидниот Фрајбург и мечот заврши 1:1.

Здодевен меч без голови одиграа екипите во горниот дел на табелата Хофенхајм и Хамбургер, и мораа да се соочат со свирежите на публиката по крајот на натпреварот.

Без победник во дуелот Магат- Даум

Wolfsburgs Trainer Felix Magath und der ehemalige Kölner Trainer Christoph Daum FLASH Galerie
Дуелот на двајцата најконтроверзни тренери во лигата Феликс Магат и Кристоф Даум заврши мирољубивоФотографија: picture-alliance/dpa

Сезонава битката на дното на табелата каде 8 екипи можат евентуално да испаднат од лигата изгледа позанимлива. Келн притоа направи голем чекор напред совладувајќи го вчера Нирнберг буквално во последната минута со голот на Новаковиќ. Вердер Бремен и Штутгарт пак одиграа нерешено 1:1, резултат што не им ја олеснува битката за опстанок до крајот на сезоната. Шалке во петокот ќе славеше регуларна победа на гостувањето во Хамбург против Санкт Паули, но при водство од 2:0 на две минути пред крајот мечот беше прекинат откако помошниот судија беше погоден со пластична чаша со пиво фрлена од навивачите на домаќинот. Сега новиот тренер на Шалке, Ралф Рањик првата победа со екипата ја очекува на зелената маса.

Најголемо внимание пред ова 28 коло привлекуваше без сомневање мечот на други две екипи на дното на табелата Волфсбург и Франкфурт пред се’ поради дуелот на новите тренери Феликс Магат и Кристоф Даум. На крајот Франкфурт на чело со Даум замина од Волфсбург со среќно освоен бод, а Магат и неговите пулени ќе мора бодовите за опстанок да ги освојуваат во преостанатите шест натпревари.

Автор: Јоша Вебер/Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска