1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија (М) се’ поблиску до Втората лига

13 декември 2010

Протести на навивачите, промена на тренерско место, продолжен договор и Борусија Дортмунд на пат да урне нов рекорд. Тоа се ударните наслови по 16-то коло во германската фудбалска Бундеслига.

https://p.dw.com/p/QWu9
Ниту Вердер не успеа да го сопре младиот тим на Борусија (Д)Фотографија: AP

Борусија Дортмунд го зголеми водството на табелата, а Борусија Менхенгладбах полека, но сигурно чекори кон Втората лига. Дортмунд има можност во последниот меч пред зимската пауза, на гости кај Франкфурт, да го урне рекордот на Бајерн за најмногу освоени бодови. И покрај победата над Вердер од 2:0 и големата предност на врвот, играчите на Борусија се’ уште не сакаат да говорат за шансите за освојување на титулата.

„Денеска не одигравме врвен натпревар, но дојдовме до бодовите со тешка борба. Најважно е да победуваме. Тоа не’ прави среќни и задоволни секоја недела“, изјави Матс Хумелс од Борусија.

Bruno Labbadia Hamburger SV Trainer Flash-Galerie
Бруно Лабадиа е нов тренер на ШтутгартФотографија: AP

11 бода зад Дортмунд на второто место се наоѓа тимот на Бајер Леверкузен, кој извојува убедлива победа на гостувањето во Хамбург од 4:2. За разлика од Бајер кој сезонава не е поразен на гостувањата, анемичниот Хамбург по натпреварот се соочи со протести на домашните навивачи.

Најдобрата сезона во историјата на клубот ја бележи тимот на Хановер. По петочната победа над Штутгарт од 2:1, Хановер се искачи на третото место на табелата, додека Штутгарт изврши уште една тренерска смена. По 13 меча на местото на Јенс Келер на кормилото доаѓа Бруно Лабадиа, чија задача ќе биде да го извлече тимот од дното на табелата.

„Свесен сум дека се наоѓаме во ситуација, во која одамна веќе не е 5 до 12. Тоа беше минатата недела. Во следните десетина дена ќе се обидам да изградам слика за тимот, иако нема да преземам никакви избрзани чекори“, изјави Лабадиа по претставувањето.

Швајнштајгер го продолжи договорот со Бајерн

Добри вести за Бајерн Минхен. И покрај победата од 3:0 над Санкт Паули, тимот се’ уште има заостанување од 17 поени зад водечкиот на табелата и се наоѓа на шестата позиција, но навивачите имаа причина да слават, откако по мечот, Бастијан Швајнштајгер го зеде в раце микрофонот и соопшти дека го продолжил договорот до 2016 година.

„Имавме одлични преговори. На меѓународната сцена мојата голема цел е да ја освоиме Лигата на Шампионите. Мислам дека е можно во наредниот период да го донесеме тој пехар во Минхен, затоа што следната година и финалето се игра тука. Ќе сторам се’ да го оствариме тоа“, рече Швајнштајгер.

Fußball DFB Pokal Bayern München gegen Werder Bremen
Бастијан Швајнштајгер останува во Бајерн до 2016 годинаФотографија: AP

Пред Бајерн на табелата е и Фрајбург кој во неделата ја совлада Борусија Менхенгладбах со 3:0. По 10-от сезонски пораз Менхенгладбах остана на дното на табелата и веќе се говори и за можна тренерска смена.

„Мислам дека добро го почнавме мечот, но не можевме да го издржиме темпото 90 минути. Оттука разбирливо е што сме разочарани“, изјави голманот на Борусија, Кристофер Хајмерот.

Шалке избега од дното

Голем чекор кон средината на табелата направи Шалке, по победата на гостувањето кај Мајнц од 1:0. Куриозитет на мечот беа двата промашени пенали, по еден на двете страни.

„Ни беше потребно време да се воиграме, некои работи да подобриме. Но, сега сме блиску до таа цел и работите изгледаат подобро. Сепак, ќе мораме да водиме сметка дека треба да ги исполниме целите кои си ги зададовме пред почетокот на сезоната“, изјави тренерот на Шалке, Феликс Магат.

Хофенхајм остана на седмата позиција на табелата откако на домашен терен одигра 1:1 со Нирнберг.

Во битката за опстанок, Келн стигна до важни бодови со победата од 1:0 над Ајнтрахт Франкфурт.

Без голови заврши дуелот меѓу Кајзерслаутерн и Волфсбург, чии навивачи исто така протестираа. Двата тима останаа во долниот дел на табелата со ист број на бодови.

Автор: Оливија Фриц/Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски