1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борхард: „На Косово имаме да направиме уште многу“

Бахри Цани / Александар Методијев28 март 2013

Од Косово треба да се создаде земја во која владее правото и која има функционална полиција. Тоа е целта на ЕУЛЕКС мисијата. Новиот шеф на мисијата Бернд Борхард за Дојче веле зборува за напредокот.

https://p.dw.com/p/185CK
Фотографија: DW/B. Cani

Бернд Борхард, 58-годишниот германскиот дипломат, од почетокот на февруари е шеф на ЕУЛЕКС на Косово. ЕУЛЕКС е полициска и правна мисија на ЕУ. Нејзината задача е да му помогне на Косово во спроведувањето на владеењето на правото, да создаде функционална полиција, како и да создаде царина. Во рамки на мисијата се распоредени околу 2.000 службеници од земји-членки на ЕУ, а тие се помогнати од околу 1.000 локални вработени лица.

Дојче веле: Господин Борхард, од почетокот на февруари ја раководите ЕУЛЕКС мисијата на Косово. Дали сте задоволни од она што го имате досега постигнато?

Бернд Борхард: „Од еднастрана секако дека е значајно дека овде сме соочени со очекувања кои одат подалеку од она што ние всушност можеме да си го дозволиме. Некогаш јавната перцепција е покритична од реалноста. Откако пристигнав овде забележав колку многу е направено овде и тоа ми остави впечаток - 330 судски пресуди со придонес на ЕУЛЕКС, а меѓу нив има пресуди за корупција против високи претставници на земјава. Во моментов се одвиваат процеси против двајца поранешни министри - Фатмир Лимај и Бујар Букоши. Кога пристигнав овде во северниот дел од Косово започна масивен бран на бомбашки напади. Тогаш нашите полицајци таму ја ставија акцијата на здрави нозе со патроли и мобилни контролни пунктови. Значи, тука придвиживме нешто. Моите колеги не направиле многу работи само во минатото, туку се’ уште прават и натаму“.

Soldaten der EULEX im Kosovo
Мисијата на ЕУЛЕКС завршува во јуни следната годинаФотографија: AFP/Getty Images

Дојче веле: Соработката меѓу ЕУЛЕКС и владата во Косово не секогаш беше најдобра. Како гледате на оваа соработка и која е вашата цел?

Бернд Борхард: „Кога пристигнав овде јавно реков дека овде сум како партнер, дека мисијата овде е поставена за партнерство и дека тоа партнерство носи одговорност за двете страни. Ние се обидуваме да се држиме за ова партнерство и оваа одговорност. Моите досегашни искуства во соработката со косовските власти се сосема добри. Не гледам некакви проблеми. Некои работи во секој случај се одвиваат побавно од што очекував, односно се надевав“.

Дојче веле: Дали сте задоволни со поддршката која ја добивате од Брисел? Во рамките на ЕУ има разногласие кога станува збор за Косово.

Бернд Борхард: „Да, секако дека знам дека има пет земји (Шпанија, Грција, Словачка, Романија и Кипар, н.з.), кои Косово го немаат признаено. Но, и овие пет земји сакаат да се подобри владеењето на правото на Косово. Јас не гледам некои непремостливи проблеми“.

Дојче веле: Еден голем проблем на Косово е корупцијата. Како да се справи со неа?

Бернд Борхард: „Ние овде имаме специјален обвинител кој пред се’ е одговорен за случаите на организиран криминал и корупција на високо ниво. Во меѓувреме имаме 37 пресуди, меѓу другото и за истакнати личности во кои спаѓа и поранешниот претседател на парламентот. Тука спаѓа и поранешен државен обвинител кој во ова Специјално обвинителство бил одговорен за антикорупција. Сите овие лица се осудени. Се работи и на антикорупциски кривични постапки и против двајца министри. Корупција веројатно има во секоја земја во светот. Овде се работи за тоа да се направат чекори напред и да се казнат виновниците. Во оваа област имаме нешто да покажеме. Тука сакаме да направиме уште повеќе“.

Дојче веле: Колку долго му е потребен ЕУЛЕКС на Косово? Има се повеќе повици: ’ЕУЛЕКС надвор!’“ Од друга стана има луѓе кои сметаат дека ЕУЛЕКС мора да остане подолго на Косово поради поврзаноста меѓу корупцијата и политиката во земјата.

Бернд Борхард: „Нашиот актуелен мандат трае до јуни следната година. Како ќе биде потоа, дали ќе биде продолжен, во која форма, со каков мандат - тоа мораме да го дефинираме преку тријаголникот на нашите сопствени анализи, разговорите со земјите-членки на ЕУ и владата на Косово. Постои подготвеност кај земјите-членки оваа мисија да се продолжи, но како треба да изгледа, тоа се’ уште не е дефинирано.