1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борче Давитковски на чело на Комисијата за 24 декември

ЖА/макфакс12 јуни 2013

Проф. д-р Борче Давиковски е назначен за претседател на Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември, соопштија доцна синоќа (11.06) двете најголеми партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

https://p.dw.com/p/18o51
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Со задоволство истакнуваме дека е најдено решение за претседател на Комисијата која што ќе ги истражи настаните од 24 декември. Се работи за проф. д-р Борче Давитковски, актуелен декан на правниот факултет Јустинијан Први при Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’ во Скопје“, се вели во соопштението од владејачката и опозициската партија.

Двете партии нагласуваат дека особено радува фактот што компромисното решение подразбира избор на претседател кој што е домашен експерт и високо почитуван во професијата и јавноста. Тие очекуваат Комисијата ефикасно да работи и брзо да излезе со свои заклучоци за спорните настани.

„Ова е основа за нормализирање на политичкиот дијалог во Македонија и нов поттик за евроинтегративниот процес во земјава“, се додава во партиските соопштенија.

Комисијата беше услов во политичкиот договор постигнат на 1 март под капата на европските претставници, со кој опозицијата се согласи да учествува на локалните избори.

Оттогаш двете партии не можеа да се договорат кој да биде претседател на Комисијата, а по првата средба на новоизбраниот претседател на СДСМ Зоран Заев и премиерот Никола Груевски, двајцата се заложија за изнаоѓање брзо решение.

Во комисијата уште членуваат Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Љубомир Фрчкоски и Рената Дескоска.