1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босанските хеликоптери само за по „кафеани“

Самир Хусеиновиќ/Б. Георгиевски23 август 2012

Големи пожари летово ја зафатија БиХ. Само во регионот на Коњиц изгоре толку шума, колку што чинат најмалку пет летала за гаснење пожари. БиХ се’ уште нема такви летала, а шумите и натаму горат.

https://p.dw.com/p/15vQu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Коњиц неделава беше прогласена состојба на природна непогода. Сите човечки и материјални ресурси со денови беа ангажирани на гаснење на десетината пожари кои проголтаа над три илјади хектари шуми. Надлежните од Цивилната заштита велат дека веќе ја губат контролата над некои пожари.

„Еден хеликоптер на ЕУФОР ни помагаше околу час и половина со гаснењето, но тоа не е доволно“, вели за ДВ помошникот началник на Цивилната заштита на општина Коњиц, Хусеин Хоџиќ.

Но, противпожарното делување не е главна задача на ЕУФОР. Иако е добредојдена, нивната помош не е доволна, како ни помошта од Вооружените сили на БиХ, чии хеликоптери мораат да бидат сервисирани по само неколку часа лет.

Гори и на други подрачја на БиХ, а состојбата е особено тешка во општините Братунац и Сребреница. Началникот на општина Коњиц, Емир Бубало вели дека за вредноста на околу три илјади изгорени хектари шума, можеле да се купат пет канадери.

Но, дали властите во БиХ воопшто размислуваат за набавка на вакви специјализирани летала? Владата на Федерацијата на БиХ уште пред една година побара од Советот на Министри на БиХ да изработи студија за гаснење на пожарите, но надлежните од Република Српска се спротивставуваат на заедничката набавка. Оттаму велат дека леталата сакаат да ги набават со сопствени средства.

NO FLASH Kroatien Waldbrände bei Dubrovnik
Фотографија: Picture-Alliance/dpa

Назима изненадени од снег, налето од пожари

Наместо со државата БиХ, во Бања Лука сакаат да направат аранжман за набавка на летала со Црна Гора.

Новинарот Ѓорѓе Краишник не е изненаден од недостатокот на адекватна реакција на надлежните и конфузијата околу набавката на противпожарните летала, бидејќи, вели тој, „сосема е логично власта која во зима е изненадена од снегот, налето да биде изненадена од пожарите“. Тој потсетува дека политичарите во земјата имаат летала, но ги користат за други намени.

„Логично е да нема пари за противпожарни летала во земја во која премиерот на еден ентитет - Александар Џомбиќ со владиниот хеликоптер оди во кафеана, а министерот за надворешни работи изнајмува приватни авиони. Затоа ќе биде добро граѓаните да подразмислат кому ги даваат гласовите и своите животи“, вели Краишник.

Споменатите примери за Краишник се очигледен доказ дека владејачката елита во БиХ мисли само на себе и дека приказните за можната набавка на противпожарни летала, се само предеизборни ветувања.