1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил е пазар со потенцијал

28 август 2009

Од 30 август до 1 септември, во бразилскиот град Виториа, повеќе од илјада политичари и стопанственици ќе разговараат како да се подобрат економските односи меѓу Бразил и Германија. Каква е актуелната состојба?

https://p.dw.com/p/JJnN
Фотографија: picture-alliance / dpa/Grafik/DW

Бразил е осми најголем трговски партнер на Германија надвор од ЕУ, и најважен во Латинска Америка, на значително растојание од Мексико. Во последните десет години, волуменот на билатералната трговска размена се удвои од 8,4 на 18 милијарди евра.

„Во последните пет години на обете страни имаше силен пораст на извозот, како и на увозот. Но, во првата половина од годинава, поради светската економска криза, имаме пад од 20 до 25 проценти“, вели Инго Плегер од Германско-бразилската надворешно-трговска комора во Сао Паоло.

Karte Brasilien
Бразил не толку заначен за Германија како Русија и КинаФотографија: Geraldo Hoffmann

Пазар со иднина

Бразил не е толку економски значаен за Германија, колку Русија и Кина, но е пазар со иднина, смета Петер Реслер, од хамбуршкото Здружение за Латинска Америка на германски претпријатија: „Гледаме дека Бразил се’ повеќе е на пат од земја во подем кон вистинска индустриска земја. Германија најголема размена на стоки има со индустриските, а не со земјите во развој. Сметам дека колку повеќе Бразил станува индустриска земја, толку повеќе ќе расте размената на стоки“.

Германија купува пред се‘ железна руда, кафе и соја

Kaffeeernte in Guatemala
Кафето е една од работите што Германија ги увезува од БразилФотографија: AP

Од бразилски агол, Германија е петти најголем увозник на бразилски стоки и четврти најважен извозник во Бразил. Германците во Бразил купуваат пред се’ железна руда, кафе и соја, а извезуваат машини, хемиски и електротехнички производи.

Петер Реслер гледа можност за пласман на германски продукти од областа на енергетиката и еколошката техника во Бразил, и обратно - за бразилски производи има уште неискористени можности на германскиот пазар. Тој го наведува примерот дека неодамна воздухопловната компанија „Луфтханза“ ги купи првите авиони „Ембраер“ од бразилско производство.

Автор: Александр Шлосер / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска