1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил е победник на Купот на конфедерации

ЖА/макфакс1 јули 2013

Фудбалерите на Бразил по четврти пат во својата историја се закитија со титулата на Купот на Конфедерациите. Бразилците во финалниот меч ја „прегазија“ Шпанија со 3:0.

https://p.dw.com/p/18ytV
Фотографија: Reuters

Два гола на средбата постигна Фред, а еднаш Касиљас го матираше Нејмар. „Кариоките“ со триумфот во финалето ја прекинаа серијата на Шпанија која на претходните 29 официјални средби немаше пораз. Пред полните трибини на легендарната Маракана, Бразил и‘ одржа фудбалски час на Шпанија, репрезентација која во последните пет години доминира во светскиот и европскиот фудбал.

Луис Фелипе Сколари тактички го надмудри колегата Винсенте Дел Боске, Бразилците во поголемиот дел од мечот одиграа пресинг длабоко на половината на противникот, не дозволувајќи им на Шпанците да ја воспостават препознатливата игра.

Депримирачки врз „црвената фурија“ делуваше и водечкиот гол на Бразил, кој Фред го постигна по само 90 секунди игра. Бразил во првото полувреме постигна уште еден гол кога Нејмар го совлада Касиљас во 44-та минута.

„Кариоките“ имаа уште две можности за постигнување на гол но обидите на Оскар и Паулињо беа непрецизни. Единствената вистинска шанса за Шпанија, во првото полувреме, ја имаше Педро, топката по неговиот удар од гол линијата ја исфрли Давид Луиз.

Confederations Cup / Brasilien - Spanien / 2:0 Neymar
Нејмар го постигна вториот голФотографија: Reuters

Како што го започна натпреварот, напаѓачот на Бразил Фред стартуваше и во второто полувреме, по две минути уште еднаш го матираше Касиљас, постигнувајќи го петтиот гол на исто толку натпревари на Купот на Конфедерации.

Можност да ја врати Шпанија во натпреварот имаше Серхио Рамос, но дефанзивецот на Реал во 53-та минута од пенал го промаши голот. Немоќта на Шпанците ја демонстрираше Пике, кога за еден груб прекршок во 67-та минута доби директен црвен картон.

Третото место на на Купот на Конфедерации и‘ припадна на Италија која го совлада Уругвај по подоброто изведување на пенали со 5-4. Натпреварот по 120 минути игра заврши со резултат 2:2, во во пенал серијата победата на Италија и ја донесе голманот Буфон кој одбрани три пенали.

Капитенот на Италија, голманот на Јувентус, Џиџи Буфон во пенал рулетот им ги одбрани ударите на Форлан, Касерес и Гаргано, додека голови постигнаа Кавани и Суарез. Прецизни за Италија беа Аквилани, Ел Шарави и Џакерини, уругвајскиот голман Муслера го одбрани ударот на Де Шиљи.